Во секојдневната практика не важат ни стручност, ни чесност, ни совесност ако не си член на партија. И нема разлика дали се на власт СДСМ, ДУИ или ВМРО–ДПМНЕ. Партиската книшка ги покрива сите единици добиени во школувањето, сите образовни, морални и професионални промашувања. Без партиски стаж, макар и најкраток, без вовлекување до партискиот врв, возрасниот граѓанин на Македонија ниту може да биде политичар ниту успешен бизнисмен. Ни успешен чистач не може да биде бидејќи и за таа „функција“ се бара или партиска определба или изборен глас
Македонските власти многу често се повикуваат на европските вредности и се залагаат за нивна имплементација во нашата заостаната држава. Во широкиот спектар на тие вредности спаѓаат демократијата, економскиот просперитет, социјалната правда, независното и чесно правосудство, слободата на медиумите и одговорност во највисоките политички кругови. Поддржувајќи ги тие намери и напори најнапред да наведеме неколку примери што отсликуваат дел од тие европските вредности, а во најголем дел се однесуваат на личната, моралната и професионалната одговорност.
Прв пример.
Пред месец и половина германската министерка за одбрана Кристине Ламбрехт поднесе оставка на функцијата. Директен повод за тој чекор беа една несмасна изјава за војната во Украина и една „афера“ поврзана со нејзиниот син. Имено, изјавата не содржеше ништо страшно, но беше дадена во необичен амбиент: додека министерката изразува сочувство со страдањата на народот на Украина зад неа се гледа огномет и многу весела атмосфера. Тоа објавено видео поттикна силна кампања за нејзина лична и морална одговорност, зашто во Украина умираат, а таа е со весело расположение. Не остана медиум што не ја критикуваше. Пред тоа на заб беше земена поради тоа што во една пригода го возела својот син во хеликоптер на германската армија. Виде не виде, оваа позната социјалдемократка поднесе оставка иако зад неа е запишана богата политичка и министерска кариера и во времето на Ангела Меркел. Сега ќе се врати во нормалниот живот, ќе работи како адвокат.
Втор пример.
Поранешниот министер за одбрана на Данска, извесен Клаус Фредериксен (не знам дали и тој некогаш дошол во Македонија), сам изјави дека јавниот обвинител на неговата земја официјално го обвинил за издавање високодоверливи државни тајни. Му се заканува затвор до 12 години. Во обвинението се наведува дека тој, како министер од 2016 до 2019 е виновен што избил скандалот со американското користење дански телефони за да се прислушуваат високи функционери на соседните земји. Фредериксен во својата одбрана вели дека тој не открил ништо ново со тоа што го кажал. Имено, соработката меѓу данските и американските тајни служби ја имал објавено Едгар Сноуден низ документите што ги презентирал уште во 2013 година. Министерот го повторил она што го кажал Сноуден далеку пред него. Сепак, Фредериксен поднел оставка уште од денот кога се појавиле сомневањата, се повлекол и од кандидатура за пратеник во парламентот на последните избори. Ја напуштил политиката.
Трет пример.
Не е од политиката туку од фудбалот. И има врска со одговорноста и личниот морал.
Ли Мејсон повеќе нема да биде ВАР-судија во Премиер-лигата откако поднесе оставка од оваа функција по катастрофалната грешка што ја направи на последниот дуел меѓу Арсенал и Брентфорд. Натпреварот заврши со резултат 1:1. Беше оштетен Арсенал, бидејќи му беше признаен гол на Брентфорд од чист офсајд. Мејсон направи огромен превид не исцртувајќи ги линиите за офсајд, со кои јасно ќе се видеше дека има недозволена позиција. А се работеше за престап во должина од нецело стапало. А тој цели 15 години беше главен судија на натпревари во Премиер-лигата, а од 2020/2021 судеше само на ВАР-арбитража. Беше еден од најценетите, но како горд Англичанец не можеше да го поднесе сопствениот срам.
Наведените три примери се од поново време. Други такви може да се најдат во секое време и во многу демократски држави, како во често спомнуваната Јапонија каде што, според легендите, министерот за транспорт врши харикири ако некој воз задоцни повеќе од три минути.
Наспроти гореспоменатите примери што зборуваат за личната и професионална етика, кои се вбројуваат во европски вредности, исправено и гордо стојат македонските невредности. Возот може да доцни и три дена, никому ништо, министерскиот карван си врви иако кучињата лаат, фудбалскиот судија може да го оштети целото првенство, но пак ќе биде на теренот облечен во црно.
Во септември 2020 г., македонската влада го поднови Етичкиот кодекс за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на истата таа. Иронијата на тој кодекс може да се види што во неговата подготовка учествувал генералниот секретар на Владата, а со негов потпис кодексот е испратен до сите државни институции. Речиси на сите им е познато дека Рашковски денес е на обвинителна клупа, а таму се најде кршејќи делови од истиот тој документ што налага функционерите да не прават материјални и морални глупости.
Кодексот налага законито, чесно, транспарентно и одговорно работење на членовите на Владата на Република Северна Македонија и на сите назначени функционери од Владата. Кодексот бара обезбедување и почитување на уставноста, законитоста, професионалниот интегритет, ефикасноста, лојалноста, одговорноста, транспарентноста, со цел јакнење на интегритетот на институциите и на довербата на граѓаните во нивната работа.
Народот, во големо мнозинство, мисли дека наведените обврски се приказни за мали деца.
Главните основни принципи на кодексот налагаат носителите на функциите да го остваруваат јавниот интерес, да се одликуваат со стручност, совесност, чесност, одговорност и посветеност на функцијата како основна и единствена должност, сѐ во интерес на граѓаните. Звучат ли вистински зборовите – стручност, совесност, чесност, одговорност? Веќе дваесет–триесет години тие зборови се избришани од меморијата на високите функционери и на тие околу нив. Прашање е дали кодексот го прочитале и оние што го напишале, а камоли другите, кои, и да го прочитале, го заборавиле.
Во секојдневната практика не важат ни стручност, ни чесност, ни совесност ако не си член на партија. И нема разлика дали се на власт СДСМ, ДУИ или ВМРО–ДПМНЕ. Партиската книшка ги покрива сите единици добиени во школувањето, сите образовни, морални и професионални промашувања. Без партиски стаж, макар и најкраток, без вовлекување до партискиот врв, возрасниот граѓанин на Македонија ниту може да биде политичар ниту успешен бизнисмен. Ни успешен чистач не може да биде бидејќи и за таа „функција“ се бара или партиска определба или изборен глас.
Во спомнуваниот кодекс, иако тој е етички, намерно или случајно, не е разработена етиката на функционерите. Нема објаснувања кога и за што се дава оставка. Никаде не може да се прочита што значи оставка од морални, што од материјални, што од професионални причини. Пример: никој не разбра зошто, а и самите министри од партијата Алтернатива и седум–осум други заменик-министри не напишаа кои се причините што поднесуваат оставки. Нема ништо написмено дури и од веќе бившиот министерот за правда, првиот човек задолжен за спроведување на правдата и почитување на законите. А Собранието илјада и една ноќ расправа за нив, иако нема никаков потпишан документ, образложение зошто се тие оставки.
Законски сомнително, морално катастрофално, тоа е стилот на работа на Собранието веќе десетина години.
Сето тоа е направено со согласност со македонските невредности, кои партиите и властите сакаат да ги претстават како европски вредности, иако се лажни. И сѐ ќе врви така. Изгледа невозможно, додека не се оствари. Ќе течат уште многу води по Вардар додека европските вредности дојдат во Македонија. Се разбира, ако им дозволиме да влезат, а ќе биде тешко, сѐ додека Европската Унија нам не ни дозволува да бидеме таму.
Нема држава во Европа како Македонија со толку обвинети лица на толку високи функции и за толку кратко време. Сегашни и бивши.