Oд следната учебна година, во соработка со СОУ „Крсте Петков Мисирков“ од Демир Хисар, Рударско-енергетскиот комбинат ќе формира дуална паралелка.
За разлика од практичната настава која со години средни стручни училишта од Битола и регионот ја изведуваат во комбинатот, во дуалната паралелка сертифицираното лице од „РЕК Битола“ заедно со професорите ќе биде постојано со учениците за време на практичната настава и континуирано ќе го следи нивното напредување. Тој ќе ја следи безбедноста на работното место, а воедно ќе учествува и во формирањето на оценката на ученикот.
Продлабочувањето на соработката меѓу „РЕК Битола“ и СОУ „Крсте Петков Мисирков“ од Демир Хисар има за цел да се зголеми интересот на учениците за запишување во електротехничката струка, со што би бил оспособен и адекватен кадар за вработување во реалниот сектор по завршувањето на средното образование.
Со формирањето на дуалната паралелка, „РЕК Битола“ ќе стане верификувана компанија во доменот на дуалното образование, што претставува повисок општествен интерес на сите страни вклучени во образовниот процес и на македонското стопанство.
М.М.