Утре се среќаваат Пари сен Жермен и Баерн, кои играа меѓу себе за титулата во 2020 година, а идната недела е мечот помеѓу Ливерпул и Реал Мадрид, кои, пак, трипати се сретнаа во финалињата (1981, 2018 и 2022 година)
ФУДБАЛ – УТРЕ ПРОДОЛЖУВА ТРКАТА ЗА ЕВРОПСКАТА КЛУПСКА ТИТУЛА
Фудбалската Лига на шампионите се враќа. Осминафиналето почнува утре, со повторување на финалето од 2020 година и дуелот помеѓу Пари сен Жермен и Баерн, како и со мечот Милан – Тотенхем, а в среда играат Клуб Бриж – Бенфика и Борусија Дортмунд – Челси, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Сите мечеви се од 21 часот.
Пари сен Жермен и Баерн доста добро се запознаа во претходниве години, со меѓусебните средби, и ќе играат третпат во четири сезони. Германската екипа веројатно ќе почувствува дека има психолошка предност откако победи на три од претходните четири меча, вклучувајќи го и финалето во 2020 година, кога поранешниот крилен напаѓач на францускиот клуб Кингсли Коман го постигна единствениот гол во Лисабон за да му го донесе на германскиот клуб шестиот европски трофеј, пишува УЕФА. Пари сен Жермен се реваншира со вкупната победа над Баерн според правилото за голови на гости во четврт-финалето во сезоната 2020/2021.
Антонио Конте беше опериран во почетокот на месецот, но ќе биде желен да биде покрај теренот кога негова екипа ќе игра за „Сан Сиро“, бидејќи сегашниот менаџер на Тотенхем беше на чело на градскиот ривал од Милано, Интер, две сезони од 2019 до 2021 година. Неговите тимови имаа тенденција да напредуваат во дерби-средбите, со четири победи во нивните пет средби, пишува УЕФА.
Португалскиот тим го извади најдоброто и најлошото на Клуб Бриж сезонава (4-0 дома со Порто, 0-4 со истиот ривал на гости), па која верзија на белгискиот тим ќе се појави на мечот со Бенфика? Скот Паркер, кој стана тренер на Клуб Бриж во почетокот на годинава, кажа што може да се очекува од него како тренер на Клуб Бриж: „Менталитетот ’без пот, нема слава’ го нагласува токму она што сум. Ако станете тренер на половина од сезоната, треба да можете брзо да видите што сакате да промените. Не се сомневам дека можеме да бидеме успешни со овој тим“.
Многу работи може да се сменат за еден тим помеѓу крајот на групната фаза и почетокот на осминафиналето и никаде нема поголем доказ за тоа како на „Стемфорд Бриџ“, пишува УЕФА. Кога избраниците на Греам Потер го победија Динамо Загреб со 2-1 во 6. коло, тоа беше нивна седма победа во десет натпревари, само со еден пораз во таа серија. Сепак, нивните следни седум натпревари донесоа само една победа и пет порази, вклучувајќи и два пораза во домашните купови и пад во средината на табелата. Челси одговори со голема активност во преодниот рок, вклучувајќи ги ангажманите на Жоао Феликс, Енцо Фернандез и Михаило Мудрик.
Преостанатите осминафинални натпревари се играат идната недела, а се среќаваат Ливерпул – Реал Мадрид во уште една реприза на финале (од 1981, 2018 и од 2022 година), Ајнтрахт – Наполи, Лајпциг – Манчестер сити и Интер – Порто. Реваншите се од 7 до 15 март.
Титулата ја брани Реал Мадрид, кој е рекордер на натпреварувањето, со вкупно14 европски титули, а од некогашните прваци во осминафиналето сезонава се и Милан (седум титули), Баерн, Ливерпул (по шест), Интер (три), Бенфика, Порто, Челси (по две) и Борусија Дортмунд (една). Клуб Бриж, Манчестер сити, ПСЖ и Тотенхем имаат по еден настап во финале. Н.М.