Со својата нова колекција, модната дизајнерка Лидија Георгиева сосема свесно ги релативизира стандардните конвенции на стилот, па дури и на СИ-системот на мерки, создавајќи моден израз што им пркоси и на времето и на шаблоните во модното размислување. Сето тоа го изразува уште во насловувањето на нејзината колекција, наречена „Милион милји време“. Со оваа колекција на Лидија Георгиева, завчеравечер почна осумнаесеттото издание на „Моден викенд Скопје“, првпат на ексклузивната локација Ф.А.М.Е’С (F.A.M.E.’S). По повод 20 години од создавањето на својот бренд, Георгиева се претстави со роденденската колекција.
– Приказната се одвива во атмосфера на патување. Целиот креативен процес и изработка се резултат на едногодишно континуирано патување низ Европа. Некои од моделите дури се работени во автомобил во движење, некаде низ континентот. Пробивањето на личните и општествените ѕидови и бариери, уживањето во неограниченоста, потрагата по слободата, слободата на изразот и силното чувство на слобода кога патуваме се тема на колекцијата – раскажува Лидија Георгиева за процесот на создавање на колекцијата.
Креациите ги содржат препознатливите елементи на изградениот стил на Георгиева – луксузни материјали, тантели, плетени дизајни, како и отпечатоци. Силуетите се раскошни, боемски и елегантни, а во некои од нив првпат се презентирани и дизајни од ексклузивната соработка со францускиот бренд „Фејмс“ – колекција рачно плетени модели.
По почетокот на нова локација во скопската Автокоманда, наредните ревии се одржуваат во хотелот „Скопје Мериот“, инаку официјална локација на осумнаесеттиот „Моден викенд Скопје“, кој ќе трае до недела. Ј.П.