Лажни се пријавите за наводно поставени експлозивни направи во училишта, трговски центри и објекти во Скопје, информира Министерството за внатрешни работи (МВР) откако завршиле сите потребни проверки.
– Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска во 19.10 часот завршија сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 16 средни училишта и пет други објекти во Скопје по добиените пораки на електронски адреси со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави – се вели во соопштението на МВР.
Од МВР додаваат дека веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.