Истражување на американските научници
Револуционерна студија покажа дека „човечки мозочни органоиди“, топчиња од неврони со големина на семе од сусам, успеаја да се интегрираат во мозокот на стаорец, поврзувајќи се со неговото снабдување со крв и комуницирајќи со неговите неврони. Тимот што стои зад работата сугерира дека во иднина, лекарите би можеле да одгледуваат парчиња мозочно ткиво од сопствените клетки на пациентот во лабораторија и да ги користат за поправка на повреди на мозокот предизвикани од мозочен удар или траума.
Трансплантацијата е остварлив начин за поправка на нервите
– Ова е неверојатно возбудливо за мене како лекар – вели Исак Чен, лекар и доцент по неврохирургија на Универзитетот во Пенсилванија.
Научниците покажаа дека кога се одгледуваат во правилни услови, невроните почнуваат да формираат ситни структури слични на мозокот, што им овозможува на научниците да ги истражат развојните состојби како што е аутизмот.
Новата студија е прва демонстрација дека мозочното ткиво израснато во лабораторија може успешно да се имплантира на местото на повредата за да се поправи мозокот на возрасен, што сугерира дека може да има клинички апликации во иднина.
Чен и неговите колеги одгледувале органоиди од човечки мозок во сад додека не достигнале дијаметар од околу 1,5 милиметар. Делчиња од ткивата потоа биле трансплантирани во мозокот на возрасни стаорци што претрпеле оштетување на визуелниот кортекс. Во рок од три месеци, трансплантираните органоиди се интегрирале во мозокот на нивниот домаќин, поврзувајќи се со снабдувањето со крв, проширувајќи го неколкупати нивниот првичен волумен и испраќајќи проекции што се поврзуваат со невроните на стаорецот.
– Не го очекувавме овој степен на функционална интеграција толку рано. Ова сугерира дека трансплантацијата на нервно ткиво во мозокот на возрасен цицач, особено оној што е нарушен од некаква повреда, е навистина остварлив начин за поправка на нервите – додаде Чен.
Органоидите како „празни единици за обработка“
Научниците не процениле дали имплантите ја подобруваат способноста на стаорците да функционираат, но тестовите покажале дека човечките неврони „испраќале“ електрични сигнали кога стаорците биле изложени на трепкачки светла. Чен вели дека ова ја поддржува идејата дека органоидите можат да дејствуваат како „празни единици за обработка“ што мозокот може да ги апсорбира и да ги користи за обнова по повредата.
Докторката Серена Барал, предавачка по развојна неврологија на Лондонскиот универзитетски колеџ, која не била вклучена во студијата, ја опиша како „неверојатна“ демонстрацијата на чистата приспособливост на невроните.
– Има многу информации што се во самата ДНК што им овозможува на невроните да работат каде и да се, без разлика дали се во пластична кутија во лабораторија или во мозокот – рече таа.
Таа додаде дека во идните клинички апликации, степенот до кој мозокот ќе може да се поправи, најверојатно, ќе зависи од тоа кои функции се изгубени.
– Визуелниот кортекс е поедноставен, но ако размислувате за замена на области што се важни за говор, математички пресметки, размислување, можеби ќе биде малку потешко бидејќи има многу мозочни способности што се развиваат со искуство – додаде Барал.