Маж вооружен со автоматска пушка „калашников“ денеска ја нападна амбасадата на Азербејџан во главниот град на Иран, Техеран, при што го уби шефот на обезбедувањето и рани двајца чувари, соопштија официјални лица.
Сѐ уште никој не кажа кој би можел да биде мотивот за нападот во Техеран. Иранските медиуми не објавија веднаш за нападот.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Азербејџан се наведува дека истрагата за тој „предавнички“ напад е во тек. Министерството соопшти дека напаѓачот со истрели го уништил безбедносниот пункт.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев го осуди нападот врз амбасадата на неговата земја во главниот град на Иран и го опиша како терористички чин, пренесоа агенциите.
– Силно го осудувам терористичкиот акт извршен денеска врз нашата амбасада во Техеран. Бараме најбрза можна истрага за овој терористички чин и казнување на терористите. Терористичките напади врз дипломатските претставништва се неприфатливи – напиша Алиев на Твитер.
Азербејџанското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе го евакуира персоналот на амбасадата во Техеран.
Азербејџан се граничи со Иран на северозапад. Во октомври, Иран одржа воени вежби во близина на границата со Азербејџан демонстрирајќи воена сила во услови на големи протести во земјата. Азербејџан, исто така, одржува блиски врски со Израел, кој Техеран го смета за свој главен регионален непријател.