Кремљ денеска соопшти дека сите тенкови „Абрамс“ што САД ќе ги испратат во Украина „ќе изгорат“, нарекувајќи ја очекуваната испорака „скапа глупост“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на дневниот брифинг изјави дека потенцијалните испораки на „Абрамс“ ќе бидат „фрлање на пари“.
– Сигурен сум дека многу експерти ја разбираат апсурдноста на оваа идеја. Планот е технолошки катастрофален. Но, пред сè, тој го преценува потенцијалот што ќе го добие украинската армија. Овие тенкови горат како и сите други – рече тој.
Кремљ денеска исто така соопшти дека е „навистина алармантно“ што „часовникот на судниот ден“ се доближил до полноќ повеќе од кога било досега, и повика на внимателност за да се спречи ризикот од нуклеарна војна.
Часовникот за судниот ден кој го создаде непрофитна организација за да илустрира колку човештвото се приближило до крајот на светот го помести своето „време“ на 90 секунди до полноќ, 10 секунди поблиску отколку што беше во последните три години.
Претседателот на Билтен во образложението на новото време ги наведе „слабо прикриените закани на Русија за употреба на нуклеарно оружје“. Полноќ на овој часовник ја означува теоретската точка на уништување.
– Ситуацијата во целина е навистина алармантна – изјави Песков за новинарите, повикувајќи на трезвена проценка на тензиите меѓу Русија и Западот поради украинската криза.
Можната испорака на борбени тенкови од страна на Вашингтон за Украина ќе биде „уште една очигледна провокација“ против Русија, изјави претходно рускиот амбасадор во САД Анатолиј Антонов.
– Очигледно е дека Вашингтон намерно се обидува да ни нанесе стратешки пораз. Ако САД решат да испорачаат тенкови, тогаш оправдувањето на таков чекор со аргументи за „одбранбено оружје“ дефинитивно нема да успее. Тоа би било уште една очигледна провокација против Руската Федерација – рече Антонов во забелешките на амбасадата објавени на Телеграм.
„Вол Стрит Џурнал“ вчера информира дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е сè поблиску до одлуката за испраќање на моќните американски тенкови „Абрамс“ во Украина, додавајќи дека одлуката би можела да биде соопштена уште неделава.
Белата куќа не сакаше да го коментира написот, но весникот наведува дека „одлуката за испраќање на тенковите „Абрамс“ би била дел од поширок дипломатски договор, во чии рамки Берлин ќе објави испраќање на помал број свои тенкови „Леопард 2“ во Украина и во исто време ќе ги овласти Полска и другите земји да испратат тенкови „Леопард“ во Украина.