Со злато се закитија Јована Мицовска, Матеј Белистојаноски и Витомир Трајковски. Турнирот во хрватскиот Самобор е еден од најсилните во светот, а за годинашниот беа пријавени околу 1.800 каратисти од 300 клуба од 25 држави

ПО ПРВИОТ ДЕН НА ГРАНПРИ-ТУРНИРОТ ВО САМОБОР

Македонските каратисти освоија вкупно 11 медали, од кои по три златни и бронзени, како и пет сребрени медали, по првиот ден на традиционалниот и еден од најсилни турнири во светот, 31-от по ред гранпри-турнир, кој викендов се одржа во хрватскиот град Самобор. Вчера остана да се одржат уште натпреварите во сениорска конкуренција, како и натпреварот во т.н. отворена категорија.
Со злато се закитија јуниорите Јована Мицовска (категорија до 59 килограми, членка на Макпетрол) и Матеј Белистојаноски (до 61 кг, Олимпик спорт), како и Витомир Трајковски (до 84 кг) во категоријата постари јуниори (до 21 година).
Сребро освоија Андреј Ангеловски (до 84 кг, Олимпик спорт), Стефан Стојмиров (до 67 кг, Ботони), Стефан Стојановиќ (над 84 кг, Макпетрол), Димитар Лозановски (до 75 кг, Макпетрол) и Матеј Белистојаноски (до 60 кг, Oлимпик спорт), додека бронзи освоија Рудина Алиу (до 61 кг, Цветан Димов), Викторија Јовановска (-61 кг, Макпетрол) и Бојан Костов (до 60 кг, Олимпик спорт).
На турнирот беа пријавени околу 1.800 каратисти од 300 клуба од 25 држави. За многу учесници ова ќе биде и последен тест пред настапот на Европското првенство за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година), кое во февруари треба да се одржи во Кипар. Г.И.