Младата виолинистка Сања Здјелар беше дел од бадниковата поворка во Скопје

На 6 јануари, Бадник, во вкупно 62 града и населени места во нашата земја, илјадници деца беа дел од бадниковите поворки на радоста и пеејќи ја ангелската песна „Вечниот бог“ го најавуваа Христовото раѓање.
Најголемата бадникова манифестација во Скопје започна во 11 часот, со мал празничен концерт на градскиот плоштад „Македонија“, а настапија Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, хорот „Златно славејче“, Вера Милошевска, Димитар Андоновски, Стефан („Некст тајм“) и Пере („Нокаут“).
Водители на настанот беа популарните детски ѕвезди Марија Јанчевска и Јован Дукмеџиев.
По малиот концерт, се оформи најголемата бадникова поворка во Македонија, која преку Камениот мост тргна кон Соборниот храм, каде што сите коледарчиња беа дочекани и дарувани од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Во Скопје за првпат Соборниот храм не успеа да ги собере сите коледарчиња одеднаш, па децата го полнеа храмот во неколку наврати.
Во исто време, свечени бадникови поворки со учество на стотици деца со нивните семејства се организираа и во: Охрид, Струга, Кичево, Прилеп, Крушево, Штип, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Битола, Ресен, Тетово, Гостивар, Дебар, Куманово, Крива Паланка, Македонски Брод, Виница, Кочани, Св.Николе, Радовиш, Делчево, Пробиштип, Македонска Каменица, Валандово, Берово, Демир Капија, Велгошти, Дебарца, Враништа, Ростуше, Јанковец, Могила, Драслајца, Брвеница, Вратница, Банско, Ново Село, Зубово, Сушица, Ново Коњарево, Удово, Јосифово, Пирава, Грчиште, Марвинци, Балинци, Брајковци, Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Илинден, Петровец, Чучер Сандево, Бардовци…
Во сите поголеми градови во Македонија, исто како и во Скопје, поворката беше крунисана со празнични концерти на пригодни божиќни песни во кои учествуваа локалните ѕвезди и хорчиња.