Ме исполнуваат работата и секојдневното дружење со најмалите, затоа што тие се најискрени, добронамерни, ведри и секогаш расположени за различни активности, вели Милошеска
Пријатели на децата: Даниела Милошеска, Едуино-амбасадорка, воспитувачка во ЈОУДГ „8 Март“ – Струга
Убаво е кога долгогодишниот труд се наградува, а особено ако тој ангажман е поврзан со воспитување на децата. Неодамна Даниела Милошеска, Едуино-амбасадорка и воспитувачка во ЈОУДГ „8 Март“ во Струга, каде што работи веќе 12 години, доби благодарници од градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко.
– Едуино-платформата, дел од проект на Министерството за труд и социјала и Министерството за образование, во рамките на цела држава избра 46 Едуино-амбасадори, од кои за Струга се избрани воспитувачката Даниела Милошеска и наставничката Нора Жута Села. Им честитаме на Нора и Даниела за постигнатиот успех, особено за време на пандемијата на ковид-19. Нивниот напор го вложија за реализација на воспитно-образовните активности. Им посакуваме други успеси и ги охрабруваме сите воспитувачи и наставници да се истакнат со својата искрена желба и потреба за трансформација и подобрување на образованието – се вели меѓу другото во благодарницата.
Ова беше повод во денешниот број на „Колибри“ да ја претставиме Даниела Милошеска. Родена е во Радовиш, во 1975 година, дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола, а по професија е воспитувачка. Досега издала неколку авторски дела: книгата прирачник „Воспитувач“, која го опишува начинот на моралниот и етичкиот однос кон децата; книгата со приказни „Мравко“ – едукативно илустрирана, во која на децата им се доближуваат основните навики за животот, и книгата приказна „Розита“, која во исто време е и мултиетнички проект на три јазика: македонски, албански и турски.
Вашата желба за постојан напредок во кариерата е голема. Дали сте задоволна од постигнатото досега?
– Секако, иако секогаш може и подобро. Имам посетувано советувања, предавања, обуки, вебинари – сè што е поврзано со мојата професија. Сакам постојано да учам и да се надградувам, секогаш постои некое ново искуство и начин на пренесување. Поседувам околу 50 сертификати за успешно завршени курсеви и над десет меѓународни сертификати.
Со вашето искуство и знаење, кај децата во градинката поставувате основа за идна едукација, што несомнено е многу важно. Дали тоа ве прави горда?
– Во мојата прва книга „Воспитувач“, јас самата зборувам дека за мене зборот „воспитувач“ е многу голем – тоа значи да имаш чест да бидеш дел од воспитанието и образованието на една личност, дел од нејзиното правилно насочување, пренесување на сета добрина, етика и моралност. Ние сме основата за создавање на личноста како карактер, оние што ги развиваат раниот детски развој и учење преку игра, песна и приказна. Пренесуваме знаење, образование, ги учиме и воспитуваме на добро и позитивно однесување преку искреност, трудољубивост, вистина, дружељубивост, почитување, љубов и мудрост, со семејството, во градинка, со врсниците.Децата уште кога се раѓаат поседуваат мал степен на култура, свест и интелигенција, која е дел од нивната средина, но ние мора да придонесеме сето тоа понатаму да се надградува, да се дооформува, тоа да стане дел од нивниот секојдневен живот, нивното комуницирање и однесување. Како воспитувачка, сметам дека нашата улога е да го наметнеме или едноставно да го презентираме културното однесување со сите морални и етички вредности и децата да бидат дел од еден таков свет, секогаш со голема соработка со родителите – затоа што тие се пред сѐ нивните водачи, нивното огледало, презентери на животот.
Конкретно, која е вашата цел како воспитувачка?
– Некој некогаш ми рече дека најмалите не знаат што е тоа етика или морал на однесување. Да, тие не ја знаат вистинската дефиниција, но тие ќе го поседуваат доброто во нив, ќе се однесуваат правилно, ќе станат мудри проценители на детскиот свет, на средината што ги опкружува, од нив ќе зрачат чесност, добрина и културни навики на однесување. Мојата цел е успешното креирање на еден детски лик, неговата среќа, насмевка, љубов и почитување, кои, верувајте, секогаш ви го полнат срцето, затоа што децата возвраќаат на прекрасен детски начин. Ме исполнуваат работата и секојдневното дружење со најмалите, затоа што тие се најискрени, добронамерни, ведри и секогаш расположени за различни активности. Нивната среќа ме мотивира да работам, па, така, преку мојот труд и желба за кокреирање за заедницата станав дел од Едуино, колективниот портал за дигитални образовни ресурси, соработка и професионален развој на едукатори.
Што точно значи Едуино-едукација?
– Преку процес на кокреирање и заеднички волонтерски пристап со моите колеги наставници, пред две години, поточно во почетоците на 2020 година, времето кога најмногу ни беше потребна поддршка при онлајн наставата, колективниот портал Едуино овозможи простор за создавање и поставување видеолекции што беа поддршка за нашите наставни материјали. Тоа беше од голема помош за нас, како едукатори, но и за самите ученици и родители, полесно да се приспособиме во условите во кои работевме. Денес Едуино е колективен портал, кој содржи платформа за настава и платформа за ран детски развој. Целта на овие платформи е создавање средина на квалитетни образовни материјали и алатки за подобрување на целокупниот образовен процес.Јавното афирмирање на мојот личен труд и придонес – станувањето дел од групата Едуино-амбасадори, за мене е особена гордост. Како дел од групата воспитувачи што посветено работеа на креирањето едукативни игровни активности, кои кај децата поттикнуваат размислување, социјализација и претставуваат синоним за фер игра во правилниот развој на секое дете, би кажала дека Едуино поттикна поголема самомотивација и размисли како подобро да го пренесеме знаењето до учениците или како да ги споделиме своите вештини до колегите, а притоа да дејствуваме во правилниот социоемоционален развој кај децата на возраст од три до десет години.
Учењето е полесно преку игра, дали и вие го практикувате тоа?
– Докажано е дека преку играта, како еден од најважните сегменти во развојот на детето, децата учат на забавен, едноставен и интерактивен начин. Игрите што ги креирав јас, како и игрите од моите колеги што се дел од платформата „Едуино ран детски развој“, се поделени во три сегменти според намената на нивната примена – во градинка, на училиште и во домашни услови. Секоја игровна активност е креирана да го поттикне развојот на одредени вештини, а освен тоа содржи и прилози во кои се објаснети чекорите за подготовка и изведба на играта, како и потребните материјали за нејзината реализација. Сметам дека преку желбата заеднички да се подобри образованието, Едуино денес претставува синоним за мотивација и во целост ги претставува одговорноста и трудот на нашата работа како едукатори. Ја сакам мојата професија, ги сакам децата и се надевам дека ќе имам можност моето знаење да им го пренесам на уште многу генерации. М.Т.