Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одигравме квалитетен турнир во Пореч, со квалитетни противници. Задоволен сум од сработеното на подготовките, како и од прикажаното на контролните дуели, вели селекторот Лазаров

РАКОМЕТАРИТЕ ЗАБЕЛЕЖАА ПОРАЗ И ПОБЕДА НА ТУРНИРОТ ВО ХРВАТСКА

Македонската машка ракометна репрезентација со пораз и со победа се враќа од турнирот „Кроација куп“, во хрватскиот град Пореч, кој беше и последна проверка на формата на црвено-жолтите пред почетокот на 28-то Светско првенство (СП), кое од среда ќе се игра во Полска и во Шведска, со учество на 32 репрезентации.
Избраниците на македонскиот селектор Кирил Лазаров го загубија првиот натпревар на тој турнир, од Хрватска, со 34-40, но забележаа победа со 38-37 во вториот дуел, против селекцијата на Израел. За победникот на турнирот синоќа решаваа Хрватска (која на СП 2023 е во група со репрезентациите на Египет, САД и на Мароко) и Израел.
Македонија на овој контролен турнир не беше комплетна, оти не настапија голманот Никола Митрески, десниот бек Филип Талески и десното крило Цветан Кузманоски. Селекторот на Хрватите, Хрвоје Хорват, пак, не можеше да смета на повредените Иван Чупиќ и Халил Јагањац, а не настапија и Иван Пешиќ, Тин Лучин, Марко Мамиќ и Давид Мандиќ.
Прв стрелец во македонските редови на мечот со Хрватска, во кој нападот беше посилната страна, беше Дејан Манасков со девет гола, Филип Кузмановски постигна седум, Томислав Јагуриновски четири, а Михајло Младеновиќ и Жарко Пешевски по три. Во победата над Израел, пак, повторно најпрецизен беше Манасков, со 11 гола, Кузмановски постигна шест, Јагуриновски и Гоце Георгиевски по четири пати ја затресоа мрежата, а Пешевски погоди трипати.

По почетните подготовки на Маврово, каде што беа забележани победа и пораз на мечевите со Црна Гора, победата во ревијално-хуманитарниот меч против македонските ракометни ветерани и одиграните дуели против Хрватска и Израел, македонската репрезентација веќе ги насочува мислите кон полскиот град Краков, каде што в петок треба да го игра првиот натпревар на годинашното Светско првенство, против Норвешка. В недела е дуелот со Холандија, а на 17 јануари со Аргентина. Првите три селекции од секоја од осумте групи ќе се пласираат во следната групна фаза. Македонија заминува на СП в среда.
– Одигравме квалитетен турнир во Пореч, со квалитетни противници. Задоволен сум од сработеното на подготовките, како и од прикажаното на контролните дуели. Одбраната ќе ја поправиме, но треба да знаеме дека играме во силен ритам во текот на сите 60 минути. Во такво силно темпо, нормално е да се постигнуваат и примаат повеќе голови. Има голем простор за напредок во нашата дефанзива, ќе работиме на тоа до почетокот на Светското првенство – изјави селекторот Лазаров.
Тест-натпревари одиграа и трите ривали на црвено-жолтите во групата Ф на годинашниот Мундијал. Така, Холанѓаните загубија од Чешка со 30-33, Аргентина беше немоќна во мечот против Шпанија и загуби со 20-31, а победи оствари Норвешка на натпреварите со Португалија, со 38-27, и со Бразил, со 30-23. Норвешка синоќа требаше да одигра уште еден контролен дуел, со селекцијата на САД. Г.И.


ПРИЈАТЕЛСКИ МЕЧЕВИ НА СЕЛЕКЦИИТЕ ОД ГРУПАТА Ф

Македонија – Хрватска 34-40
Македонија – Израел 38-37
Холандија – Франција 32-43
Холандија – Чешка 30-33
Аргентина – Шпанија 20-31
Норвешка – Португалија 38-27
Норвешка – Бразил 30-23
Норвешка – САД синоќа