М-карта за џенем

Само да се мрчело! Ни го избришаа името, јазикот и историјата се на распродажба, ништо на М веќе не остана, и сè во тој стил. Еве, среде празници, Бујар Османи се потруди на даде дополнителен повод за славење: воведе т.н. М-карта за „заслужни граѓани што живеат во странство“, која ќе им обезбеди не само брз и привилегиран влез на аеродромските премини туку дури и може да добијат бесплатен или поевтин влез во музеите. Е сега, за волја на вистината, листата е ограничена на близу 70 истакнати личности (од кои само за малкумина и сте слушнале, а уште помалку знаете како тоа ѝ помогнале на татковината). Но Бујар е амбициозен човек, а дијаспората ни е огромна. Ама тука е замката: никој во државата и не знае колкумина наши (со потекло од Македонија) живеат низ светот! Се обидоа да ги попишат, ги внесоа во изборниот модел, ама кога човек еднаш ќе замине од оваа недојдија, не сака да си има ништо со нејзините власти; по радо си доаѓа да си го види семејството, пријателите, местата каде што растел. Нашата дијаспора е како од песната на Бајага „моите другари се како бисери расфрлани по светот“. (Овде ви пишува мајка, тетка и баба на такви бисери раѓани да живеат овде, но сега се низ светот во неколку временски зони. Убедена сум дека меѓу вас има мнозина како мене, па знаете што сакам да кажам.)
Не знам дали е ова глумење дипломатија или израз на невидена ароганција. За нас, како и за земјите од регионот, важи онаа изрека дека не е проблем „одливот на мозоци“ (и таленти), туку тоа што овде останаа недоветните да ни бидат лидери. Патем, кога спомнувам „одлив на мозоци“ (brain drain), секогаш на ум ми доаѓа Заев, кој мислеше дека овој збор (и тоа не англиски!!) значи „да размислиш подобро“. Ете, толку им сече умот. Инаку, под овој термин се подразбира емиграција на високообразовани, најспособни и најквалификувани луѓе од една земја. Оваа влада/власт дојде на крилјата на една божем револуција и со оние сцени на наредени чевли пред зградата на Владата, кога се ронеа крокодилски солзи за тие што побегнале од „режимот“. Оттогаш до денес, бројките покажуваат зголемен број на иселувања, дури и меѓу оние што се мислеа дека се револуционери и дека (ќе) дојде живот. Безнадежноста дека овде може да пркне квалитет, систем на напредување со конкурси, по заслуги и слично, ги тера секојдневно да си заминуваат.

Доволно е да ги видат биографиите на новоизбраните судии, обвинители и други функционери, да слушнат некој говор на немушти и полуписмени политичари, новинари или „експерти“ за да сфатат колку е часот. Тоа го знам и од прва рака, како професорка на млади и умни луѓе што или земаат индекс в рака за да можат да добијат работна/сезонска виза или по дипломирањето веќе резервираат билет за друга дестинација. Поентата ми е: илјадници најдобри заминуваат затоа што нема систем заснован на заслуги, ама затоа на прием во земјата ќе дочекуваме „заслужни граѓани“?! Ја гледате тука иронијата? Земја што не знае и не сака заслужните да ги вреднува како што треба, која постапува како ликовите од скаската за султанот и везирот (за да останат султани и везири), сега ќе укажувала почит за нечии достигнувања?! Верувам дека нашите заслужни и истакнати во странство (а не дома) со индигнација би ја отфрлиле понудата на Бујар, кој е на секојдневен удар дури и од синдикатот на МНР за несовесното работење и непочитување на кадарот што го раководи. (За ТВ-најавувачката да не мисли дека заборавивме?) Познавам родители на (сега возрасни) деца што јавно ронат солзи што не можат да си ги гушнат, што се мачеле таму на Запад, немале социјален живот и опуштеност (како нашата). Јас три ги испратив и солза не пуштив; им реков само: „Летајте, раширете ги крилјата и способностите“. Искрено, истото тоа им го велам и на студентите кога ме прашуваат за совет, зашто не можам за моите да бидам мајка, а за нив маќеа. Не знам дали и колку се моите ќерки „заслужни“ и „за почит“, ама знам дека докторираа на врвни универзитети, работат за новите држави, дојдоа до работни места на конкурси во голема конкуренција на еднакво учени и умни луѓе, почитувани се таму каде што се не поради етничка или партиска припадност, туку поради резултатите што ги постигнуваат. Немаат потреба на нивните универзитети да се фаќаат за „тајфи“, за „естаблишмент“ за да ќарат ситна привилегија. Работата е напорна, истоштувачка, конкуренцијата ти дише во врат постојано – но тоа е капитализмот (ние сме овде во феудализам или дури и племенска организација). Си ја сакаат Македонија, ама се срамат од нејзината политика и од тие што ја претставуваат земјата, како и од преименувањето, од понижувањата што ги доживуваме не од другите колку од „нашите“.

Втората новогодишна бајка на Бујар се однесува на претседавањето со ОБСЕ. Минатата година, кога изби војната во Украина, мрежата на академски институции на ОБСЕ (во која членувам) организира серија разговори, а мене директно ме замолија да напишам краток текст за предизвиците на претстојното претседавање. Разговарав со дипломати, со познавачи на состојбите, се консултирав со извори од МНР (додуша некои не ми ни одговорија на барањето за разговор) итн. Напишав критичен текст за неподготвеноста на македонската дипломатија, за немањето ни визија ни капацитети, а притоа спомнав нешто и за кризата на ОБСЕ и нејзината неспособност да функционира во услови на мултиполарен систем. Уредниците беа шокирани; текстот не ми го прифатија. Седнав, го доработив и проширив и си го објавив како научна статија. Но кој да чита! И тоа на англиски. Но Бујар не само што сакаше да си го качи „Рејтингот“ со наши пари, и тоа да се рекламира по дома, бидејќи надвор не смее да отвори уста, ниту знае како да ги брани националните или пошироките интереси (дресиран да ги прима само фреквенциите од Калето). За среќа, се повлече од намерата да фрли милиони на синови на „заслужни апологети“, но такви има и надвор од пиар-фирмите, па ќе прочитате егзалтирани текстови на Фејсбук и другите социјални мрежи за восхитот од тоа да си на чело на „најмоќната меѓународна организација“. Да се разбереме: ОБСЕ е далеку од „најмоќната“ организација (тоа е НАТО, особено по воена моќ)! По големина е втора, веднаш по ООН, но по моќ и углед е на дното, особено сега, кога е тотално парализирана да носи одлуки. Не треба да си голем познавач за да знаеш дека таму сите одлуки се носат едногласно (т.е. сите држави-членки имаат право на вето), а Русија – сакале или не – е членка од која не можат да се ослободат. ОБСЕ беше на теренот во Украина и не успеа ни да превенира, ни да алармира за внатрешната граѓанска војна (која траеше од 2014 до 2022 година, а во која загинаа десетици илјади цивили).

ОБСЕ е реликт на Студената војна, т.е. на времето кога почна да се наѕира нејзиниот крај и кога мнозина сонуваа за Европа од Лисабон до Владивосток, обединување и мировна дивиденда. Но штом Западот прогласи „крај на историјата“ и сопствен триумф, и ОБСЕ, како и другите организации во кои доминира Вашингтон, стана само делче на западниот хегемонизам. За ова чикашкиот професор и врвен авторитет во дисциплината на меѓународните односи Џон Мершајмер пишуваше уште многу одамна, предупредувајќи дека меѓународните организации не можат да го сменат светот, односно дека се инструменти на моќ на доминантните држави (големи сили). Е, сега, кога пукна меурот на „крајот од историјата“, кој се претвори во крах на линеарното западноцентрично разбирање на историските и меѓународните текови, ОБСЕ е зомби. Заклучокот сам се наметнува: држава што глуми држава е на чело на меѓународна организација што глуми дека е жива и корисна. Двете, и нашиов протекторат и таа организација, се дел на еден друг механизам на моќ, пред кој двете молчат. На пример, кога Бујар би бил вистински министер, а не аеродромски службеник, во време на претседавањето со меѓународна организација што се занимава и со малцинските права (меѓу другото) ќе најдеше начин да го спомне она што го прават Бугарија и Грција спрема луѓето што се изјаснуваат како Македонци. Но тоа не му е на агендата. За тоа време, грчките обвинители бараат почитување на Преспанскиот договор преку затворање на приватниот центар за учење македонски јазик, а Бујар навива за брзи уставни промени во согласност со бугарските барања.
Кога некој би ме прашал мене, јас би предложила не М-карта туку шут-карта и билет во еден правец за мнозина „заслужни“ за ова дереџе на кое се наоѓаме. На таа листа би имало многу повеќе од 70 имиња. Дури тогаш би можеле да се надеваме дека нашите „бисери расеани низ светот“ ќе се почувствуваат како дома кога ќе ни доаѓаат.