Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески во писмено соопштение денеска побара да има смиреност и почитување на сите пропишани правила и прописи за постапување во вакви случаи, по дојавата за поставени бомби во три основни училишта во Прилеп. Дојави за поставени бомби на електронска пошта во училиштата утрото пред 10 часот биле испратени во основните училишта „Блаже Конески“, „Добре Јованоски“ и „Гоце Делчев“.

Веднаш по добиените информации за поставени бомби во овие основни училишта во општина Прилеп, била известена полицијата, а учениците биле безбедно евакуирани. Потоа била известена и ТППЕ Прилеп и Дирекцијата за заштита и спасување.

-Малку се вознемирив кога ја прочитав пораката на службениот емаил на училиштето. Веднаш, заедно со службите ги презедовме сите мерки за заштита. Иако немавме реализирано обука за тактично показна вежба, таа требаше да се спроведе деновиве, сепак учениците беа за брзо време евакуирани и испратени дома. Во првата смена имаше околу 400 ученици и 40 наставници. Попладне нема настава – изјави Мартина Пројческа од ОУ„Блаже Конески“.

И директорите од ОУ „Добре Јованоски“ и од „Гоце Делчев“ велат дека учениците се брзо евакуирани, испратени дома, а настава попладнево ќе нема. Се уште се вршеа проверки на објектите од страна на полицијата.

Градоначалникот Борче Јовчески вели дека сите вклучени фактори, учениците, наставниот кадар и другите вработени во училиштата брзо реагирале.
-Безбедноста на нашите сограѓани е на прво место, остануваме во контакт и во координација со сите надлежни институции се до целосно расчистување за веродостојноста на дојавите – посочи Јовчески.
Сања Стаматова од СВР Битола изјави дека по дојавите за поставени бомби во училиштата се постапува согласно прописите.

Ка.М.