Процеси коишто се од стратешко значење не можат да бидат предмет на уценување. Прашањето за уставите измени е сериозно, тоа е државничко прашање. Ние започнавме преговори со ЕУ, во тек е скрининг процесот и сега се зависи од нас, изјави денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.
Ова, нагласи Ковачевски, е прашање на принципи – дали некој го поддржува европскиот пат или не го поддржува европскиот пат.
– Условувања за вакво прашање се навистина неприфатливи. Наместо тоа јас повикувам, повикував и ќе повикувам на широк општествен и политички консензус за европскиот пат на државата – нагласи Ковачевски.
Во однос на ставот на Беса за уставните измени, Ковачевски повтори дека не функционира под притисоци и уцени, нагласувајќи дека изборите ќе бидат во 2024 година и тоа е веќе апсолвирано прашање и оти не е фер кон граѓаните вакви клучни прашања да бидат предмет на дневна политика, да бидат предмет на борба за некакви ситни поени.
Ова, посочи тој, не е последната одлука до зачленување на Северна Македонија во ЕУ, додавајќи дека уште тешки одлуки ќе има на тој пат, кој појасни дека е неповратен процес и единствено може да биде закочуван од страна на оние коишто се противат на членството на Северна Македонија во ЕУ.
– Таква партија има. Тоа е партијата Левица. Таа веќе има земено друга партија во свое заложништво, тоа е партијата ВМРО-ДПМНЕ. И јас не сакам да верувам дека господинот Касами се има, исто така, ставено во позиција да бидеш заложник на партијата Левица – изјави Ковачевски.
Според Ковачевски, ќе има голем број на одлуки коишто ќе треба да се носат во Собранието и условување на тие важни одлуки е кочење на иднината на државата.
– Тие се за граѓаните. Тие се за идните генерации и тоа е нешто што секој треба да го има ум. И јас затоа велам, вие често пати го поставувате прашањето – дали Владата има 80 пратеника за уставни измени? На Владата и требаат 61 пратеник за да биде Влада. И на секоја влада и требаат 61 пратеник за да биде влада. На граѓаните има треба двотретинско мнозинство за уставни измени за да продолжи патот. Ама натаму уште одлуки ќе има. Тие одлуки ќе се однесуваат на скрининг процесот. Тој скрининг процес ќе покаже што се ние треба да реформираме во нашето општество. Секоја пора, секој детаљ, секој сегмент на општеството е предмет на скрининг процесот. Тој скрининг е билатерален. Врз основа на него ќе имаме извештај – изјави Ковачевски.
Нема, подвлече Ковачевски, уценување за такви процеси, посочувајќи дека се друго може да биде предмет на политичка борба, на политички натпревар, се може да биде предмет на дневна политика, меѓутоа вакви клучни прашања да бидат предмет на дневна политика, да бидат предмет на борба за некакви ситни поени тоа не е фер спрема граѓаните.