Исусова пештера, реплика на онаа од Витлеем, по петти пат е поставена во центарот на Кичево, а ја постави здружението „Бадникови поворки“. Покрај Исусовата пештера здружението постави и природна новогодишна елка и целосно го разубави средиштето на градот.
– Денес по петти пат поставивме реплика на пештерата од Витлеем, каде што се родил Исус Христос, изработена од сестринството во манастирот во село Рајчица Дебарско. Исусовата пештера е поставена наспроти големиот христијански празник Раѓањето на Исус Христос, Божиќ. За да го надополниме амбиентот, во непосредна близина на пештерата поставивме и новогодишна елка и на тој начин целосно му го променивме изгледот на овој простор – истакнаа Бошко Сарафилоски од здружението „Бадникови поворки“ и потсети дека до големиот празник, Исусовата пештера ќе биде посетена од голем број граѓани, а најмногу ќе бидат присутни најмладите од градот.
– Од периодот пред пет години кога за првпат поставивме Исусова пештера во центарот на Кичево, расте интересот на граѓаните да го посетат ова место и да ги фотографираат своите дечиња – додаде Сарафилоски и нагласи дека монашкото сестринство од Рајчица изработува и помали реплики на оваа пештера, кои верниците ги порачуваат и поставуваат во својот дом, пред големиот христијански празник Божиќ. З.А.