Фото: Нова Македонија

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска информира дека поради зголемено загадување на воздухот и во Гостивар стапуват на сила препораките и мерките за надминување на праг на алармирање за ПМ 10 честички.

-Согласно Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Службен весник на Република од 14 декември 2017 година) во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, ве информираме дека тој е надминат на мерното место во Гостивар – се вели во денешното соопштение од МЖСПП.

Оттаму посочуваат дека поради проблеми со мрежните системи на Министерството и инсталација на нова серверска опрема не им се достапни податоци од мерните места: Тетово и Гевгелија.

–Од страна на МЖСПП доставена е информација за надминување на прагот на алармирање до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје и до општина Гостивар за епизодата на алармантно загадување на воздухот. Согласно заклучоците од записникот од 40. седница на Владата одржана на 28 ноември 2017 година, за Гостивар стапуваат на сила препораките и мерките во случај на надминат праг на алармирање – информираат од Министерството.

Вчера Владата соопшти дека овие препораки стапуваат на сила во Скопје, Кичево, Струмица и Кацадарци.