Меѓународна соработка: Една деценија во Јабука, Србија, се изучува македонскиот јазик

По повод една деценија изучување на македонскиот јазик во Србија, на авторките на учебникот „Македонски јазик со елементи на национална култура“, Јадранка Клисарова и д-р Блага Панева, им беше доделена јубилејна плакета за придонес во работата и развојот на образованието на македонски јазик во Република Србија.
– Изминатиот викенд бевме во посета на Јабука, каде што, покрај другите населени места и градови, живеат најголем број Македонци во соседна Република Србија. Поточно, тоа е срцето на Македонците во оваа земја, каде што се започна со изучување на македонскиот јазик. На 17 декември, на свечен начин, беше одбележана десетгодишнината од воведувањето на македонскиот јазик во наставата како изборен предмет. На настанот организиран по тој повод беа присутни претседателот и членовите на Националниот совет на македонското национално малцинство (НСМНМ) во Република Србија, амбасадорката на Македонија во Србија, авторите на првите учебници, членовите на здруженијата на Македонците и наставниците што предаваат македонски јазик во основните училишта во Србија. На свеченоста, Зорица Митровиќ ја презентираше анализата на реализираните активности во изминатите десет години, зборуваше за начинот на реализацијата на наставните планови и програми, за наставниците што ја реализираат програмата и проблемите со кои се соочуваат и за бројот на ученици што го изучуваат македонскиот јазик во сите населени места во Србија во кои живеат Македонци – велат Јадранка Клисарова и Блага Панева.
По завршувањето на презентацијата, на авторките на учебникот „Македонски јазик со елементи на национална култура“ им беше доделена јубилејна плакета за придонес во работата и развојот на образованието на македонски јазик во Србија.
– Најголем придонес и поддршка на македонската национална заедница ѝ дава НСМНМ, преку работата и заложбите на нејзиниот претседател Борче Величковски, членовите на претседателството и сите здруженија на Македонците што живеат на територијата на Република Србија. Целата приказна за воведувањето на македонскиот јазик започна во 2004 година, кога тогашниот претседател на Националниот совет, г. Јован Радевски, кој за жал не е повеќе меѓу нас, со стручна поддршка од Јадранка Клисарова, одделенска наставничка-менторка, и од д-р Блага Панева, советничка, ентузијастички започна да работи на подготовката на наставниот план и наставната програма за предметот Македонски јазик во одделенска настава од прво до четврто одделение. По долгата и макотрпна работа, изработените програмски документи беа доставени до образовните институции на Владата на Република Србија. На општо задоволство, беше добиена согласност за изучување на македонскиот јазик, преку предметот насловен Македонски јазик со елементи на национална култура. Сепак, наставата не може да се реализира без учебници и за таа цел втората задача беше да се изработат првите учебници за учениците од прво до четврто одделение. Со голема љубов и одговорно се пристапи кон реализација на поставениот план за изработка на учебници со кои ќе им се помогне на учениците на полесен начин да го изучуваат македонскиот јазик. Преку текстовите што беа опфатени во учебниците тие се запознаваа со македонскиот јазик, со правописот, со граматиката, со значајните географски знаменитости, со нашата историја, култура и традиција. Образованието е важен дел од животот на секое дете и тие со задоволство го изучуваат македонскиот јазик, затоа што тоа е јазикот на нивните предци. Преку изучувањето на македонскиот јазик се продолжува нишката со матичната земја на нивните предци – посочија авторките.

Учениците преку пригодна програма рецитираа поезија од македонски автори и од народното творештво и изведоа сплет од неколку македонски ора.
– На крајот само би додале дека јазикот и културата се идентитетски одредници на секој народ, па и на македонскиот. Каде и да се наоѓаме, треба да го негуваме, да го чуваме и да го збогатуваме македонскиот јазик, а тоа најдобро се постигнува преку образованието – рекоа Клисарова и Панева.
По завршувањето на свеченоста, од НСМНМ и од Амбасадата на Македонија во Србија на присутните дечиња им беа поделени подароци – пакетчиња по повод Нова година.

М.Т.