Побараа македонските и бугарските бизнисмени
Да го застанеме малку говорот на непријателство, да не гледаме кон историјата, туку напред. Да му дозволиме на бизнисот да влече напред. Да инвестираме во заеднички инфраструктурни проекти и во меѓусебна соработка. Ваква порака денеска упатија бизнисмените од Македонија и од Бугарија до политичките елити на двете држави.
Бизнисмените побараа полесен проток на граничните премини и конечно завршување на Коридорот 8. Политиката да работи на меѓусебната почит меѓу државите, а бизнисот да го најде патот за подобра меѓусебна соработка, порачаа бизнисмените.
– Ни недостига промена на севкупната клима и сигнал дека може да комуницираме и дека се враќаме на вистинскиот пат. Каде одиме со ваквата политика која не не носи во новиот век, туку не враќа назад на почетокот на минатиот век кога државите се делеа по национални клучеви, национални територии, кога се правеше нешто што е спротивно на денешниот тренд, а тоа е интеграција на Европа комплетно – рече извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев.
Смета дека нема причина зошто да не бидат довршени автопатските делници меѓу двете држави и посакува што поскоро да профункционира Коридорот 8.
Според извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија Дритон Исени, доброседските односи се предуслов како ќе се градат односите меѓу две држави и дали ќе има просперитет, но смета дека политиката треба да има помал удел во креирањето на можностите, а бизнис секторот да биде двигател.
– Како држава сме биле жртви на меѓусоседски односи и на економски и на политички план. Ако нешто не учи историјата на ЕУ тоа е дека соседните држави кои пристапиле кон Европската унија пред другите држави кои биле во процес на пристапување, се локомотивите во процесот, а не товар во вагонот. Сметам дека оваа улога треба да ја игра Бугарија со Македонија со цел да ни се олесни тој пат – подвлече Исени, додавајќи дека во време на глобализација и економска криза важна е соработката меѓу соседните држави.
Изградбата на важните инфраструктурни проекти, според Исени, се клучни за зголемување на трговската размена меѓу државите.
– Коридорот 8 треба да добива на тежина посебно во овие моменти. Колку за споредба, со Косово имавме трговска размена 9:1 во наша корист, но по изградбата на автопатот Приштина – Блаце овој сооднос е преполовен, сега сме 2:1, но тоа покажува колку е подобрена извозната страна на Косово бидејќи имаат изградено патна инфраструктура – посочи Исени.
Претседателот на Бугарско-македонската стопанска комора Пламен Павлов, кој е еден од креаторите на т.н. Бела книга во која се содржани основните патокази во која насока треба да се одат економските односи меѓу двете држави, смета дека треба двете држави да се движат напред, а не да се враќаат назад.
– Ние сакаме бизнис без граници, заеднички да направиме инфраструктурни проекти. Кога зборуваме за дигитализација, не е нормално да се враќаме назад. Ние имаме намера да создаваме услови за да се сменат работите, рече Павлов.
Белата книга е направена три години пред заклучоците од Берлинскиот процес.
– Значи три години претходно ние сме кажале што треба да биде направено за нашите меѓусебни односи и после три години требаше некој во Берлин да не повика и да ни каже што треба ние да правиме – рече претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора Кире Лазаров.
Денешниот бизнис форум беше организиран под покровителство на министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија со цел да се поттикнат нови можности за соработка меѓу компаниите од двете држави. На него учествуваа над 150 претставници од компании, стопанските комори и од економските институции на двете држави. Во рамки на форумот беа потпишани и четири договори меѓу македонски и бугарски компании.
Во текот на последните две години трговската размена меѓу Македонија и Бугарија е зголемена. Во првите три квартали од годинава се бележи раст од над 50 проценти, а до крајот на годинава се очекува да се надмине прагот од една милијарда евра.