Испуштениот материјал треба да се помине до Нова година
До истекот на првото полугодие учениците во средните училишта мора да ги одработат часовите што ги изгубија со евакуациите поради лажните дојави за бомби. Министерство за образование и наука (МОН) им даде слобода сами да ја направат организацијата, со оглед на тоа што дојавите беа во одредена смена на наставата, се губеа дел од часовите. Така некаде одат порано на настава, или остануваат подоцна, а се користи и опцијата онлајн-час.
Во средните училишта неколку недели имаше лажни дојави за поставени бомби. Закината се појавува в среда, четврток и петок, и во една смена на училишта, по што следуваше евакуација и проверка на училиштата од антитерористичката единица на Министерството за внатрешни работи.
– Согласно позитивните правни прописи, училиштата имаат должност да изнајдат начин и до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштени часови – изјавија од МОН.
Силвана Кржовска, директорка на гимназијата „Јосип Броз – Тито“ во Скопје објаснува дека сите биле под стрес. Иако тоа се случуваше во период на тромесечие таа вели дека тоа не влијаело на успехот, се оддржале родителските, а при оценување се земал предвид поминатиот материјал.
-Имаме рок до 31 декември да се одработат испуштените часови. Се случуваше на пример да имаат три часа, а потоа да мора да си одат дома поради евакуација. Сега се прави план да не се форсираат учениците, а да се надокнади испуштеното. Така се оддржува предчас или па ако класот нема редовен седми час, се додава. Правиме се да е постепени и нема реакции ни од учениците, кои на време добиваат информација, ниту од наставниците – вели Кржовска.
Митко Димовски, директор на гимназијата „Орце Николов“ вели дека веќе се надокнадуваат испуштените часови, а отвориле и можност за онлајн-час.
-Имаме распоред. Гледаме да не ги тераме учениците да не доаѓаат пред часови па се користат термини за дополнителна настава. Ако наставник има празен час, а учениците можат ја користиме и таа опција. Има можност и за онлајн – час. Веќе ги надокнадуваме часовите. Нема реакции оти никој не е виновен за тоа што се случи. Малку е тешко ама тоа е тоа – вели Димовски.
Инаку, досега не е откриено кој ги праќа мејловите со лажните дојави.
Наскоро ќе има резултати од истрагата за лажните најави за бомби, кои создаваат немир во јавноста веќе подолго време, а кои започнаа со автобусите на ЈСП, а продолжија со средните училишта, најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Анализите за причините се во повеќе правци, рече тој, од геостратешки, преку политички до економски, односно водени од бизнис интереси.
Според Спасовски, со оглед на фактот што целта на ваквите хибридни напади е да се предизвика вознемиреност, недоверба во институциите, страв и паника, не смее да се шпекулира, туку треба да се почека да се добијат сите информации, со потврдени факти и докази. Во однос на наодите од истрагата објасни дека станува збор најчесто за Ви-Пи-Ен (VPN) адреси, а кога ќе се завршат сите проверки и ќе се утврдат фактите, ќе бидат идентификувани и сторителите, но и објавени мерките што против нив ќе се преземат. Со Ви-Пи-Ен адресите личните податоци се криптирани и се менува сопствената Ај-Пи (IP) адреса, така што дигиталната приватност е подобро заштитена и е можно анонимно сурфање на интернет.
– Во истрагата соработувавме со сите наши партнери, со Интерпол, со Европол, сите механизми кои помагаат во истражниот процес. Сигурно е дека постои мотив, а на крај ќе видиме и кој точно бил мотивот – посочи Спасовски.