АД ЕСМ денеска соопшти дека навреме ја исполниле обврската за снабдување со поевтина електрична енергија на прехранбената индустрија за основните намирници, на училиштата и водостопанствата, од 1 декември. Ги повикува субјектите кои не поднеле пријава за снабдување, тоа да го направат во следниот период, со цел да бидат вклучени во групата за снабдување од почетокот на следната година.
– Во услови на енергетска криза во европски рамки, но и пошироко, АД ЕСМ исполни уште една обврска произлезена од кризата, а тоа е снабдување со поевтина електрична енергија на прехранбената индустија за основните намирници, на училиштата и водостопанствата. Ова задолжение дадено со заклучок од Владата е исполнето навремено и во најкусо време, со цел наведените институции да можат да бидат снабдувани со поевтина енергија веќе од 1 декември. АД ЕСМ ги повикува субјектите кои не поднеле пријава за снабдување, истото да го направат во следниот период, со цел да бидат вклучени во групата за снабдување од 1 јануари – стои во соопштението од компанијата.
ЕСМ потсетува дека Одлуката на Владата беше донесена за да се спречи раст на цените на одредени прехранбени производи и да се постигне и нивно намалување, да се одржи сигурност и континуитет во снабдувањето со вода и одведување и пречистување на води, како и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за непречено одвивање на наставата.
Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски вчера на прес-конференција во Владата рече дека ги вложуваат сите напори, по задолженија од Владата, да ги менаџираат и кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија. По задолжение до Владата, АД ЕСМ го презеде парното греење во Скопје, дополнителното снабдување со електрична енергија, 100 проценти испорака на електрична енергија кон ЕВН Хоум, наместо 60 проценти како што е по законот, покривање на техничките загуби во системот на ЕВН Електродиструбуција и на МЕПСО и работење на ТЕЦ Неготино.