ТЕНИС – ТУРНИР ВО МАДРИД

Младиот македонски тенисер Калин Ивановски (623-ти на АТП-листата) ја впиша и втората победа на турнирот што се игра во Мадрид (Шпанија, на тврда подлога), откако го победи домашниот претставник Хавиер Молино, со 2-0 во сетови (6-4, 6-2).
Во првиот сет решавачки беше деветтиот гем во кој Ивановски направи брејк (го освои гемот на сервис на противникот), а во вториот сет со само два изгубени гема дојде до победата. Во првото коло, пак, Ивановски по голема борба го совлада Французинот Томас Дешапм, со 2-0 во сетови (7-5, 6-4).
Македонскиот тенисер (втор носител на турнирот) во денешното полуфинале ќе ги одмери силите со Шпанецот Жорда Санчис (шести носител).
Ивановски и Обрад Марковски во игра на двојки, пак, се пласираа во полуфиналето на истиот турнир во Мадрид, по вчерашната победа со 2-0 во сетови (6-1, 6-4) на четвртфиналниот натпревар со тенисери од Шпанија, Рикардо Вилакорта и Серхио Редондо Переира. Г.И.