Гачки закачки: со еден пес и две мачки

Драги деца, во денешниот број на „Колибри“, нашиот пријател, писателот Трајче Кацаров ни ги испрати да ги објавиме неговите најнови песни од збирката со работен наслов „Гачки закачки: со еден пес и две мачки“ и навистина сме му благодарни за тоа. Но заедно со песните испрати и илустрации што самиот ги нацртал, а тоа е уште еден доказ дека дарбите понекогаш одат заедно кај големите креативци

Најново од творештвото на писателот Трајче Кацаров

Закана
На есенскиот тепих
Најмногу песот Златко
Му се лути:
„Старо пожолтено
чергиште!“ – му вели
„Ако коската што летово
ја закопав
Не ми ја дадеш
Ќе те обвинам дека крадеш
Ветрот што правда дели
Kако клопче смет
Од дворот ќе те исели!“

Која е на гости,
а која е дома

Мачката Донка и мачката Цара
Никако да се договорат
Која во куќата на чичко Горан
Е домаќинка, а која е на гости

Песот Златко неповикан
Проблемот сака да го реши
Трча по опашките на двете

Кутрите за спас од забите остри
Бегаат преку оградата на дворот
Како неканети гости

Покана за игра

Мачката Цара и мачката Донка
На песот Златко му се
нудат за дружба
„Не сакам да си играм“
– им вели
„Кога сум на служба!“

„Прости, Златко“
– му велат мачките
„Да знаевме дека толку
си работлив
Немаше да те будиме.
Сакавме како на другар
Од јадењето наше
да ти понудиме.“

„Во таков случај
Службата може и да почека
Кога се во прашање
играчки-грачки
Подобра дружба нема
Од две пријателки мачки!“

Чудно

Штом од бањата ќе излезам
И со фенот ќе почнам
Косата да ја сушам
Бало покрај нозете
Мала топка ми спушта

Не знам зошто
Правењето фризура
Го потсетува
На фудбалски натпревар
Тешко ми е
И да замислам само
Што би правел
Тој кучешки Балон
Во фризерски салон

Мачешка миграција

Трите мачки
Донка, Царка и Спаска
Сите со улично „сиви“
Се населија во дворот
На тетка Наска

Песот Златко
Првиот сведок
На мачешката миграција
Им даде на знаење:
„Во дворот
Сите имаат еднакви права
Глувците не можат
Да ви бидат храна!“

И така секоја од мачките
Остана да жали
За уличните канти стари.

Позајмени панталони

Дино на училиште брза
Панталоните си ги бара
Не може да ги најде
Па ја надига „гајдата“
Се подготвува да заплаче

Песот Златко му вели:
„Еве ти ги моите од крзно
На училиште со нив оди
Без грижа ќе бидам
Зашто знам дека
ќе ми ги вратиш

Со нив, немој
На креветот да си легнал
Не дозволува баба Гета
Пес по креветот да ѝ шета

Мачката Донка
и сенката
на мравката Гонка

Мачката Донка
во играта,
под крушата во дворот,
згазна врз сенката
на мравката Гонка.

– Како ќе живеам без сенка. –
залелека Гонка.
– Во знак на извинување
ќе ти ја дадам мојата. –
ѝ рече Донка.

И гордо почна
по дворот да шета Гонка
со сенката на Донка.

Но, штом виде
како се прчи
со мачешка сенка,
кучката Гина,
гневно ѝ ја скина

И пак без сенка
остана мравката Гонка
но сега без вина
на мачката Донка


За авторот

Трајче Кацаров (62) е македонски поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Во последните десетина години објавува и книги за деца и млади, кои се одлично прифатени од младите читатели. Завршил Академија за филм и театар во Софија, Бугарија. Магистрирал на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Cв. Кирил и Методиj“ во Скопје. Работи како драматург во Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа списанието за уметност СУМ. Член е на ДПМ од 1991 година. Делата му се преведени на неколку јазици, a неговите театарски пиеси се одиграни низ повеќе театри во регионот и пошироко.
Добитник е на повеќе признанија од областа на литературата, меѓу кои лани ја доби наградата „Ванчо Николески“ од ДПМ, за романот за деца „Не паркирај гаража“. За поемата „Акo“ е добитник на наградата „Григор Прличев“, а во 2004 г. Кацаров е прогласен за личност на годината во Општина Штип. Истата таа година го добива признанието „Деец во културата“, а во 2009 г. Општина Штип му ја додели наградата „8 Ноември“.