Републиканците освоија мнозинство во Претставничкиот дом на САД, според проекциите за резултатите од изборите објавени синоќа.
Ова остава простор за двегодишна поделба на власта во тоа тело, бидејќи демократите на претседателот Џо Бајден ја задржаа контролата врз Сенатот.
Повеќе од една недела по среднорочните избори на актуелната американска администрација, републиканците обезбедија 218 места – колку што беа потребни за мнозинство во тоа тело на американската законодавна власт, пренесува Гласот на Америка.
Се очекува дека спикер на Претставничкио дом на американскиот Конгрес би можел да биде Кевин Мекарти – и покрај тоа што засега е неизвесна поддршката на некои од поконзервативните републиканци.
„Американците се подготвени за нова насока, а републиканците во Претставничкиот дом се подготвени да постигнат резултати“, напиша Мекарти по објавувањето на успехот на републиканците во Претставничкиот дом.
Претседателот Џо Бајден му честиташе на Мекарти, велејќи дека е подготвен да работи со републиканците во Домот.