EСМ ги известува потрошувачите дека ЕСМ Снабдување со топлина интензивно работи на подготовка на сметките-фактурите за топлинска енергија за октомври, при што потрошувачите ќе ги добијат фактурите со мало задоцнување во однос на датумот кога претходно вообичаено ги добивале, поради потребните технички подготовки за нивна изработка, напоменувајќи дека сметките ќе имаат соодветен рок за плаќање.
Во рамки на подготовките на фактурите се одвиваат и подготовки на постапката за префрлање на податоците на потрошувачите, со што тие ќе се префрлат од претходниот снабдувач со топлинска енергија на сегашниот, ЕСМ Снабдување, во законски определена процедура, согласно законот за заштита на личните податоци.
– Од претходниот снабдувач со топлинска енергија ќе се преземе целокупната база на податоци потребна за изработка на фактурите, вклучително и личните податоци на потрошувачите на централниот систем за греење како и сопствениците на станови и деловни простории лоцирани на подрачјето на општините каде ЕСМ Снабдување има лиценца. Правниот основ за преземање на целокупната база на податоци вклучително и личните податоци за потрошувачите потребни за вршење на дејноста Снабдување со топлинска енергија произлегува од нужноста за обезбедување на континуитет во вршењето на дејноста и заштита на јавниот интерес согласно обврската за вршење јавна услуга од законот за енергетика – се наведува во соопштението на ЕСМ.
Се напоменува дека независно од постапката за преземање на податоците, потребно е секој потрошувач да се склучи договор за снабдување со топлинска енергија заради регулирање на потрошувачкиот однос со снабдувачот, а тоа е утврдено во правилата за снабдување со топлинска енергија.
Се потенцира дека не е правно возможно преземање на договори со претходниот снабдувач, односно дека е потребно да се склучат нови договори. Досега, во ЕСМ Снабдување склучени се 11.200 Договори за снабдување со топлинска енергија со потрошувачите. Времето на задржување на потрошувачите во пунктовите е значајно намалено откако електронскиот образец на Договорот за снабдување со топлинска енергија е поставен на веб-страницата на АД ЕСМ и на официјалните канали на социјалните мрежи, со оглед натоа што документот сега се предава веќе пополнет од нивна страна.
Во следниот период, ЕСМ Снабдување по достава на фактурите за топлинска енергија, до потрошувачите кои сѐ уште не потпишале договор ќе го достави образецот на Договорот за снабдување со топлинска енергија на нивната адреса, по што истиот ќе треба да го предадат потпишан од нивна страна во пунктовите на ЕСМ Снабдување. ЕСМ Снабдување со топлина ќе им овозможи на граѓаните соодветен временски период за регулирање на обврската, и во тој период греењето непрекинато ќе се испорачува.
Во врска со начините на плаќање на фактурите во ЕСМ Снабдување, јавноста дополнително ќе биде известена за сите детали, но се напоменува дека интензивно се вршат подготовки за потрошувачите да ги имаат сите можности кои ги имале кај претходниот снабдувач, како услугата електронска фактура, услугата брзо плаќање и EPAYуслугата.
Така, потрошувачите кои имаат склучено договор за наплата на фактурите за топлинска енергија преку траен налог, од матичната банка ќе добијат инструкции за постапување.
Оние кои плаќаат преку електронско банкарство, во зачуваните шаблони односно ПП налози за плаќање ќе биде потребно да ја проверат и ако има потреба и да извршат промена на жиро-сметката од претходниот днабдувач и да ја внесат таа на ЕСМ Снабдување која ќе им биде доставена со фактурите.
За потрошувачите на ЕСМ Енергетика, фактурите кои доцнеа поради примена на финансиската подршка од Владата за надоместување на разликата на цена на топлинската енергија, веќе се дистрибуираат за месец август и септември и истите ќе имаат соодветен рок за плаќање.