ШАХ – МЛАДИНСКО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Вкупно пет поени од 11 можни е епилогот во петтото коло на 11-те македонски претставници, од кои шест шахисти во пет возрасни категории (до 10, 12, 14, 16 и 18 години) и пет шахистки во три возрасни категории (до 12, 14 и 16 години), на Европското првенство за млади, во Анталија (Турција). Вкупно се играат девет кола.
Засега кај момчињата одлично играат Антон Златков (2.107, рејтинг-поени, рангиран 45-ти пред почетокот на турнирот), кој во категоријата до 16 години е на 10-то место, со четири поени (четири победи и еден пораз), меѓу 103 шахисти. Кај девојчињата, Моника Жежовска (1.654, рангирана 29-та) со 3,5 поени (три победи, по еден пораз и реми) е на 17-то место, во категоријата до 14 години, меѓу 76 шахистки. Добро засега игра и ФИДЕ-мајсторот Емил Ристески (2.371, рангиран 17-ти), кој со 3,5 поени моментно е на 18-то место.
Во ова коло победи остварија уште Андреј Иванов (засега има два поена, 83-то место) и Михаела Зрмановска (два поена, 51-та во категорија до 18 години), а порази доживеаја Никола Петровски (1,5 поен, 74-ти), Кристијан Лазовски (0,5, 100-ти), Леонид Петрески (1,5, 66-ти), Ивана Велкоска (еден, 80-та), Наде Смилевска (еден, 77-та) и Инџи Ајрадиноска (еден, 73-та).
На младинското Европско првенство во сите категории играат вкупно 1.001 учесник (од 46 држави), од кои 17 ИМ, 5 ЖИМ, 71 ФМ, 27 ЖФМ… Г.И.