Фото: Маја Јаневска-Илиева

Безбедносната состојба во државата во целата територија во моментов е стабилна, безбедна и нема никакви индикации за нарушување, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потврдувајќи дека може имаат влијание настаните од поблиското и поширокото опкружување, но и кризата.

-Сега дали може да ја ефектуираат настаните кои што ни се случуваат и поблиското и поширокото опкружување, секако дека, да. Тука е војната со односно воената агресија на Русија во Украина, меѓутоа и другите аспекти пред се економската, енергетската криза сето тоа влијае на состојбите коишто се донесуваат во делот на безбедноста. И затоа во целосната функција се ставени сите безбедносни служби и служби за спроведувањето на законот, рече Спасовски.

Во однос на најавите за бомби во средните училишта, според него, повеќе од јасно е и не треба да бидеме големи експерти ниту за теоризмот, ниту за организиран криминал, дека се случува хибриден напад.

– И во првата најава која што беше во ЈСП, и најавите во училиштата. Анализираме во неколку правци. Морам да кажам дека за еден од случаите сме многу блиску до целосно завршување. Има некоку индиции коишто даваат многу јасна слика во овој дел, меѓутоа тоа се, пред се, информации што сега неможе да бидат споделени, се анализираат внатре во рамките на истрагата – рече министерот за внатрешни работи.

Укажува, како што рече, на тоа дека ова е монструозен чин заради тоа што предизвикува вознемиреност и кај граѓаните, и кај наставниот кадар, и кај учениците, кај секој еден нормален човек без разлика од кои причини и тоа се прави.

– Дали е од некакви геостратешки причини, дали тоа е од бизнис, од политички причини итн. Сите аспекти се анализираат. Час поскоро да се дојде до реализација на еден од тие настани е многу важно за сите нас, меѓутоа сепак високото ниво коешто е подигнато во рамките на институциите за спроведувањето на законот и следењето на состојбата 24-часовно, мониторирање преку кризниот штаб којшто работи во МВР, граѓаните треба да бидат спокојни во овој дел дека немаме некакви индиции коишто можат да ни ја нарушат безбедноста – рече Спасовски.