Во запалениот автобус, кој изутрината превезувал припадници на АРМ не е повреден ниту еден припадник на Армијата. Фирмата која што го врши превозот за кратко време испратила друг автобус и сите патници пристигнале со мало задоцнување на своите работни места и веќе нормално си ги извршуваат задачите.
Автобусот се движел на релација Пробиштип – Касарна „Илинден“.
Министерството за одбрана, како што се наведува во соопштението, жали за случајот со запалениот автобус кој изутрината до нивните работни места во Скопје превезувал припадници на АРМ од Пробиштип, Кратово и Куманово.
-Од досега утврдените факти соопштуваме дека инцидентот се случил околу 6:10 минути изутрина, на излезот од Пробиштип. Веднаш штом е почувствуван чадот, припадниците на АРМ од страна на одговорното лице биле повикани да го напуштат автобусот и го напуштиле. Во автобусот останале само два војнички ранци. Според првичните сознанија, автобусот бил носен на сервис во текот на викендот. Согласно Договорот, ги исполнувал условите кои што се побарани во тендерската документација, има потврда за исполнување на посебни техничко-експлоатациони услови издадена на 1 февруари 2018. со важност до 1 февруари 2020 година, бил од марката „Марбус“, производство 2007 година и го исполнува стандардот ЕУРО 4., нагласува МО во соопштението.
Припадници и стручни лица на Воената полиција веднаш излегле на терен за да ги утврдат околностите под кои се случил настанот.
МО од фирмата која го обезбедува превозот очекува да биде извршена анализа на случајот со цел да не се повтори.