На адресите на неколку српски медиуми пристигнале дојави дека станува збор за наводно поставени околу 50 експлозивни направи на 12 локации, од студентски мензи и домови, преку аеродромот „Никола Тесла“, до спортски обложувачници. Најмногу бомби, 17, наводно биле поставени на локацијата на т.н. Ушќе
На електронската адреса на редакцијата на порталот Нова.рс стигнал мејл со заканувачка содржина дека на повеќе локации во Белград се поставени бомби. Електронски пораки со идентична содржина стигнале и во редакциите на уште неколку српски медиуми.
Според дојавата, станува збор за наводно поставени околу 50 експлозивни направи на 12 локации, од студентски мензи и домови, преку аеродромот „Никола Тесла“, до спортски обложувачници. Најмногу бомби, 17, наводно биле поставени во трговски центар на Ушќе.
Заканувачката електронска порака, како што пренесува порталот, со список на адреси, придружена со низа навреди, била пратена од е-адресата [email protected]. Подоцна од друга електронска адреса стигнале закани дека експлозивни направи се поставени и во Нови Сад.
Според списокот на испраќачот, девет бомби се поставени во Студентскиот дом на булеварот Крал Александар, една бомба во Амбасадата на Белорусија на Делиградска 13, 17 бомби во маркетот на Ушќе на булеварот Михајло Пупин, две бомби во КФЦ на Студентскиот плоштад, девет бомби на аеродромот „Никола Тесла“, од кои четири на паркинг под цивилни автомобили, шест бомби во трговскиот центар „Делта сити“ на улицата Јуриј Гагарин, една бомба на вториот кат на Филозофскиот факултет, четири бомби во зградата на Ректоратот, две бомби на Универзитетот за уметност на Косанчиќев венец 29, три бомби во болницата во Земун, една бомба во обложувачницата „Меридијанбет“ на Гандиева 76а и две бомби во обложувачницата „Меридијанбет“ на Народни херои 30.
За дојавата што стигнала во редакцијата на Нова.рс веднаш била известена полицијата. Од српското МВР информираат дека полициски екипи излегле на терен и ги истражуваат наводите за подметнати бомби, како што пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Во октомври во Србија имаше повеќе дојави за поставени бомби, за кои тамошното МВР утврди дека се лажни.
Полицијата во мај идентификувала локации на вкупно 19 електронски адреси од кои пристигнале заканувачки пораки за подметнати бомби на различни локации во Србија. Осумнаесет адреси биле од услугата Џи-мејл и една адреса на е-пошта од услугата Протонмејл. Српската полиција утврдила дека осум од заканите дошле од Полска, четири од Гамбија, по две од Иран и Нигерија и по една од Украина, Словенија и Русија.
Властите во Србија претходно најавија дека поради дојави за бомби ќе побараат помош преку меѓународна оперативна полициска соработка за да се добијат информации за нарачателот, организаторите и сторителот на ова кривично дело.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на 17 мај изјави дека тоа е притисок врз Србија, бидејќи официјален Белград одбива да воведе санкции против Русија.