Метежи на автобуските станици низ Чаир и Новоселски пат и незадоволство меѓу граѓаните создаде отстуството на приватните автобуси на линиите 19 и 22, откако тие од утринава престанаа да возат низ Скопје.
Приватниот превозник на автобускиот градски превоз „Макекспрес“ уште вчера најави дека нема да сообраќаат на линиите 19, 20,22, 52 и 54 поради неисплатен долг од страна на ЈСП и Град Скопје.
Граѓаните се незадоволни зашто, како што велат, капацитетот на автобусите на ЈСП е недоволен за населени места со толку жители.
– Секој државен автобус утрово беше преполн. Државните не се толку редовни како приватните, поретки се. Луѓето мораат да одат на работа, а децата на училиште. Многу жители сме за да има само државни автобуси – вели Васка М. од Волково.
Сопственикот на компанијата, Милорад Димитриевски, бара итна средба со раководството на ЈСП и градската власт.
– Сопствениците немаат пари за гориво. Принудени сме да застанат автобусите. Не станува збор за штрајк, ова се случува поради немање финасиски средства. Автобусите ќе мируваат сѐ додека не се најде решение, а тоа ќе се случи само ако се сретнеме со претставници на ЈСП и на Град Скопје и се договориме за подмирување на долговите кон сопствениците. Од четвртокот вртиме и праќаме мејлови, меѓутоа досега не сме добиле повратен одговор – вели Димитриевски од „Макекспрес“.
Димитриевски бара исплата на долгот за август, септември и октомври, кој изнесува околу половина милион евра, и да се почне со редовна исплата на неделните аконтации за извршен превоз. Тој додаде дека поради доцнењето на исплатите во последниот период, реализацијата на превозот паднала под 80 проценти и истакна дека поради тоа градската власт сега ја разгледува опцијата за раскинување на договорот со ова претпријатие.
„Макекспрес“ врши превоз на патници на линиите 19, 20, 22, 52 и 54. Имаат регистрирано 53 фирми и вкупно 77 возила.
Меѓутоа, „Макескпрес“ не е единствениот приватен автобуски превозник на ниво на Скопје, чиј долг не е исплатен. Долгот кон „Слобода превоз“ изнесува околу 700.000 евра, како што посочи компанијата, меѓутоа нивните автобуси денес собраќаат. Но, доколку долгот кон нив не се исплати до крајот на работната недела, голема е веројатноста да престанат да возат и нивните автобуси, со што граѓаните на Скопје би останале само со превоз од автобусите на ЈСП.
– Пред извесно време ние имавме посериозен финасиски проблем, ама имавме средба со секретарот на град Скопје и со директорот на ЈСП и договоривме динамика на плаќање која горе-долу досега се почитува. Имаат долг и кон нас, меѓутоа очекуваме дека неделава ќе го испочитуваат договорот. Доколку не се случи исплатата, ќе немаме како да ги возиме автобусите. Да потенцирам дека не станува збор за штрајк, едноставно станува збор за немање средства. Долгот е преголем. Сега следува нова фактура, за нов месец, која ќе го зголеми долгот од нови 25 милиони денари, а тоа е веќе премногу. Очекуваме нова исплата, а кога ќе се испочитува тоа, не гледам зошто би прекинале – вели Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“.
„Нова Македонија“ се обиде да стапи во контакт со Град Скопје во врска со побарувањата од приватните превозници, но засега нема повратен одговор како би ја решиле оваа ситуација. Пред неполни две недели Скопје на неколку дена остана без јавен превоз откако возачите на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје протестираа поради неисплатена септемвриска плата.