ТЕНИС
Хуан Карлос Фереро, Карлос Моја, двајцата од Шпанија, Даниел Нестор од Канада, Кара Блек од Зимбабве, Ана Ивановиќ од Србија, Флавија Пенета од Италија и Лиза Рејмонд од САД се годинашните кандидати за влез во тениската Куќа на славните во 2023 година, објави Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница.
Отворено е и онлајн-гласањето, до 30 октомври, гледачите можат да гласаат само еднаш, но можат да гласаат за онолку кандидати колку што сметаат дека заслужуваат, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци. Гласачката група е составена од приближно 140 тениски новинари, историчари и членови на Куќата на славните, кои ќе го достават својот глас. Најдобрите тројца во гласањето на гледачите ќе добијат бонус процентни поени на резултатот од гласачката група.
За да биде избран, кандидатот мора да добие потврден глас од барем 75 отсто од гласачките ливчиња од гласачката група или збирно вкупно најмалку 75 проценти од резултатите од гласачката група и процентните поени за бонусот на гласовите на гледачите, пишува АТП.
Меѓународната тениска куќа на славните е една од двете спортски куќи на славните каде што гласовите на гледачите можат да имаат директно влијание врз приемот на кандидатот.
Фереро е шампион на Ролан Гарос од 2003 година и поранешен светски рекет број 1, Моја е победник на Ролан Гарос во 1998 година и поранешен светски рекет број 1, Нестор е 12-кратен гранслем-шампион во двојки и во мешани двојки и поранешен светски број 1 во двојки, Блек е поранешна светска тенисерка број 1 во двојки и единаесеткратна гранслем-шампионка, Ивановиќ е поранешна светска тенисерка број 1 и победничка на Ролан Гарос во 2008 година, Пенета е поранешна светска тенисерка број 1 во двојки и шампионка на САД опен во 2015 година во сингл, а Рејмонд е победничка на 11 гранслем-турнири во двојки и во мешани двојки, како и поранешен светски број 1 во двојки, пишува АТП.