Фото: Игор Бансколиев

Впрочем, во времето во кое е основана Македонската револуционерна организација, и во сите други држави некоја организација го организирала народот во борбата за формирањето на својата држава, и тука нема ништо различно. Народот ја основал, ја развивал идејата и до ден-денес се бори за неа. Македонскиот народ како што стои и во нејзиното име, Македонската револуционерна организација, без додавки, придавки, презимиња, фусноти.
И постојано народот повторува: Борбата продолжува! Идејата е вечна!

Еден од славните периоди на македонската историја се формирањето и дејствувањето на Македонската револуционерна организација, односно почнувањето на организираната борба за слободна, самостојна и независна македонска држава. Тоа е посебна приказна, нешто што со гордост се носи во срцето на Македонецот, со која се поврзуваат сите луѓе од Македонија. Македонската револуционерна организација е нешто по кое е позната Македонија во светот, нешто на кои сите во одреден момент се повикуваат, дури и оние што некогаш „за инает“ знаат да зборуваат против неа, и нешто по кое сите чезнеат да го имаат. Дури и крвните непријатели, поробувачите и уништувачите на Македонија, на сите им трепери срцето кога ќе го спомнеме споменот на Македонската револуционерна организација, нејзиното основање, нејзините основачи, нејзините дела. Македонската револуционерна организација ја споменуваат и оние што ја сакаат историјата, и оние што не ја сакаат, оние што ги сметаме и кои се сметаат за продолжувачи на нејзиното дело. Често, покрај политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која во својот статут јасно го споменува континуитетот на историското ВМРО во борбата за слободна македонска држава, и социјалистите знаат да спомнат дека и тие се ВМРО, дека многу револуционери биле социјалисти во своето време, како и многу други од различни политички субјекти што во одреден момент ќе се препознаат и поистоветат со нејзините идеи. Со други зборови, Македонската револуционерна организација е народот или, поточно, организаторот на народот што се борел и се бори за својата држава.
Впрочем, во времето во кое е основана Македонската револуционерна организација, и во сите други држави некоја организација го организирала народот во борбата за формирањето на својата држава, и тука нема ништо различно. Народот ја основал, ја развивал идејата и до ден-денес се бори за неа. Македонскиот народ, како што стои и во нејзиното име, Македонската револуционерна организација, без додавки, придавки, презимиња, фусноти. И постојано народот повторува: Борбата продолжува! Идејата е вечна!

Дејците и основачите на Македонската револуционерна организација чие име и дела ги славиме денес и кои во моментот најверојатно не биле свесни какво големо дело направиле со основањето на организацијата, не ја доживеале слободата, не ја доживеале славата, но тие не ја ни барале славата. Ја барале и се бореле само за слободата. Нивните наследници ги продолжиле и идејата и борбата, и покрај многуте притисоци, пропаганди и убедувања од секого дека не се тоа што се, опстојале како што и опстојуваме до ден-денес. А денес, денес во 21 век, повторно се појави таков што тврди дека не сме тоа што сме. А не можеме да бидеме ни тоа што не сме. Но борбата на оваа генерација е повторно да докажува дека сме тоа што сме, Македонци, ништо помалку, ништо повеќе. Од дедо и прадедо, од прадедо ми Ристо, кој по Илинденското востание бил сургун во Мала Азија, до татко ми Ристо, кој е жив и здрав денес. Но гледајќи ги состојбите во соседството и кај нас, веројатно за некое време и покрај нашата свест што сме и кој сме, повторно ќе има такви што ќе тврдат дека ние сме нивни, дека сме или не сме нешто што сме, но ние ќе ја продолжиме својата борба. Борбата ќе ја продолжиме ние, историчарите, македонистите, бранителите, уставобранителите, патриотите, професорите, работниците, пензионерите, студентите, обичните луѓе на Македонија – секогаш со крената глава, достоинствено. Затоа што борбата продолжува, а идејата е вечна! За многу години нека е споменот на Македонската револуционерна организација!

Автор: Д-р Игор Јуруков