Љубители на спортскиот риболов пуштија крупни примероци на крап потешки и од 20 килограми во Осломејското Езеро, откако риболовното друштво „Хантер Фиш“ од Кичево во повеќе наврати ја пориби оваа акумулација со десетици килограми на крап и толстолобик, а беа пуштени и неколку примероци на амур, потврди претседателот на риболовното друштво „Хантер Фиш“ Бесмир Елези, кој секој слободен момент го користи да биде крај оваа езерска убавица.
– Покрај честото порибување на езерото од наша страна, што придонесе Осломејското Езеро да биде едно од побогатите со крапска риба во земјава, поедини членови на локалниот клуб „Хантер Фиш“ како и претставници на риболовни клубови од други градови од земјава, последните неколку месеци во Осломејско Езеро се пуштени повеќе капитални примероци на крап. Наши пријатели и соработници спортски риболовци во езерото пуштија крупни примероци на крапска риба со тежина од 15 до 25 килограми и за очекување е оваа практика да продолжи. Истовремено во текот на наредниот месец ќе извршиме уште едно порибување на езерото и ќе го збогатиме со повеќе десетици килограми на крап – нагласи Елези.
Тој посочи дека и покрај сушниот период кој владее во земјава, благодарение на штедроста на подземните извори и помалите притоки, нивото на Осломејско Езеро е константно, што е многу благопријатно за рибниот фонд бидејќи рибата има доволно кислород, добро да се чувствува и е отпорна кон разни болести. З.А.