Патарината е обврска за сите корисници на автопатиштата и тука не смее да има никаква толеранција / Фото: Игор Бансколиев

И покрај тоа што во февруари 2020 година, јавното претпријатие за државни патишта за 40 проценти го намали износот на цените на патарините за мотоциклистите, многумина од нив сепак избегнуваат да платат патарина, па на нелегален начин ги поминуваат наплатните станици

Зачестена појавата на моторџии што избегнуваат плаќање на патарините

Во секојдневниот живот честопати се среќаваме со примери каде што граѓаните на различни начини се обидуваат да ги „ескивираат“ плаќањата на јавните давачки или услуги од јавните претпријатија: возачите на автомобили за паркинг-место или, пак, корисниците на јавен автобуски превоз да се прогласат за „диви патници“, не плаќајќи го билетот за превоз… Но она што особено ни падна во очи при нашите службени или приватни патувања по нашите автопатишта, а на тоа во повеќе наврати ни сигнализираа и некои од читателите, е појавата на избегнување да се плати патарина од страна на некои мотоциклисти.

ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ

Во подготовката на оваа тема дојдовме до интересен податок, дека во февруари 2020 година, јавното претпријатие за државни патишта за 40 проценти го намали износот на цените на патарините за мотоциклистите. Но она што паѓа во очи е дека, и покрај намалениот износ, некои од нив сепак наоѓаат начин да го избегнат плаќањето патарина, па на нелегален начин ги поминуваат наплатните станици.
По реакцијата на неколкумина граѓани, но и нашите првични сознанија дека мотоциклистите си возат на автопат без да платат, наша екипа одлучи теренски да го испита случајот. И навистина, од нашето неколкучасовно присуство таму, особено во вечерните часови, на автопатот Скопје – Тетово – Гостивар регистриравме дваесетина мотоциклисти што го избегнаа плаќањето на патарината, иако на овој потег, доколку одат од Скопје до Тетово, според намалените пресметки, треба да платат само 20 денари, а истиот износ е и до Гостивар.
– Крајно дрско и безобразно од нивна страна е тоа што нелегално поминуваат и не плаќаат. Не е фер кон нас другите, кои редовно плаќаме патарини. Еве, јас користам и мотор и возило, никогаш не сум ја избегнал обврската за плаќање, а тие на овој начин создаваат револт кај нас што уредно плаќаме. Не е фер и е крајно несолидарно тие да поминуваат без последици, додека ние, имале или немале пари, мора да платиме – вели Дамјан Јованоски, возач што честопати ја минува оваа делница.

СЕКОЈ ЌЕ СИ ДОБИЕ ФАКТУРА НА ДОМАШНАТА АДРЕСА

Според новите ценовници за мотоциклистите, надоместокот за употреба на пат за мотоциклите изнесува 20 денари на наплатните станици „Петровец“, „Миладиновци“, „Тетово“, „Гостивар“, „Глумово“ и „Желино“. Патарина во износ од 40 денари се плаќа на наплатните станици „Романовце“ и „Стоби“, додека 50 денари од правец е на наплатните станици „Сопот“ и „Отовица“, а 60 денари за правец се плаќа на наплатната станица „Гевгелија“.
Од јавното претпријатие за државни патишта велат дека и покрај тоа што пред две и пол години, по барање на Мотоциклистичката федерација на Македонија, формираа за 40 отсто пониска цена на патарина за мотоциклистите, сепак се соочуваат со реален проблем при извршување наплата на патарини од страна на возачите на мотори што избегнуваат да ја платат предвидената патна такса.
– Во однос на ова ЈПДП, односно Одделението за наплата и контрола, преку системот за евиденција на наплата има предвидено решение, каде што инкасантот/оператор во кабина, секое возило што одбива да плати патарина по која било основа го запишува во системот со регистарската табличка, времето на поминување, лентата и наплатната станица. Овие податоци потоа се обработуваат и на сопственикот/возачот на моторното возило му се подготвува фактура, која има рок од 15 дена да ја плати. По изминувањето на овој рок, доколку лицето сѐ уште го нема намирено долгот, предметот/фактурата му се предава на адвокат и наплатата се прави преку извршител – информираат од претпријатието.

ШТО ВЕЛАТ МОТОРЏИИТЕ

И според еден од најпознатите моторџии во земјава, Ленин Јовановски, илузорно е неплаќањето на патарините од страна на мотоциклистите.
– Во некои држави навистина има систем во кој моторџиите не плаќаат, но кај нас се плаќа пониска цена и, кога е така, уредно треба и да се плати. Тие што не плаќаат веројатно не знаат дека секоја табличка е забележана на секое поминување и се води евиденција и дека на сопственикот, на домашната адреса, му се пушта фактура за наплата. Сметам дека е илузорно некој да не ја плаќа патарината. Сепак, мислам дека откога се намали цената на патарините, се намали и бројката на оние што не плаќаат – вели Јовановски, кој порано беше и претседател на Мотоциклистичката федерација на Македонија.
Тој вели дека возачите на мотори, кога ќе дознаат дека на домашната адреса ќе им стигне сметката за плаќање, дури тогаш ќе се свестат дека не можат да избегаат.
– Најверојатно мислат дека ако не платат, ќе поминат без консеквенции, така беше порано, но сега не е така. Порано имавме иста цена со автомобилите, но сега сето тоа, и наплатата и цените, е регулирано и треба да се почитува тоа што е обврска – потенцира Јовановски.
Како што вели тој, дали во иднина ќе се изборат како во некои земји моторџиите да не плаќаат патарини, останува отворено прашање, меѓутоа додека важи актуелната обврска за плаќање, секој треба да плати и не треба да има толеранција.

[email protected]