Граѓаните на Кичево како и сите жители во земјава тешко ги погоди економската криза и секојдневното покачување на продажните цени и услугите, што најсликовито го опишуваат вработените во маркетите низ градот, од чии показатели може да се увериме дека секојдневно граѓаните живеат се поскромно, бидејќи нивните примања се идентични како претходните години додека цените на стоките и услугите се значително пораснати и тоа придонесува секојдневно да опаѓа животниот стандард.
-Последниве 5-6 месеци лесно е воочливо намаленото пазарење на нашите сограѓани кои купуваат за истите парични износи како и пред поскапувањето, но сега се враќаат дома со многу попразни корпи, бидејќи ако сакаат да купат како и порано ќе мора да потрошат повеќе пари кои повеќето од нив и ги немаат. Тие ако за 1.000 денари можеа пристојно да пазарат, со новите цени за истите количества на стока им се потребни барем 1.500 денари – потврдуваат вработени во повеќе маркети во Кичево во средиштето на градот, кои повеќето свои муштерии и лично ги познаваат.
Граѓаните и самите го потврдуваат она што го констатираа вработените во сите маркети во градот.
-Последните неколку месеци цените на прехранбените продукти и услугите толку многу пораснаа, што според моја проценка потребна е двојно повисока пензија за да се задржи чекорот со секојдневното поскапување. Ние, немајќи друг излез пазариме за истите парични износи како и претходно, но сега за овие пари купуваме многу помалку намирници. Пензијата е незначително покачена а цените на мало и услугите се пораснати повеќе од 30 отсто. Со овој расчекор помеѓу цените и приходите, ние секојдневно осиромашуваме и затоа тешко врзуваме крај со крај – вели Драге Тренкоски, пензионер.
Со сите што разговаравме во градот заклучокот е единствен, дека се потешко излегуваат на крај и ако продолжи оваа криза се прашуваат како ќе преживеат. З.А.