Редакцијата „Нова Македонија“ им го честита најсветиот еврејски празник Јом Кипур на сите припадници на еврејската заедница во Македонија.
Јом Кипур е празник на помирувањето, на покајувањето и на простувањето. На тој ден секој верник во себе ги носи законите на Тората, милосрдието и возвишено чувство на заедништво со сите луѓе. Јом Кипур е врвот и завршетокот на десетдневниот временски период на покајување, кој започнува на Рош Хашана – почетокот на „страшните денови“.
Јом значи „ден“ на хебрејски, а зборот „кипур“ доаѓа од корен што значи „да се искупи“.
Според еврејската традиција, Бог ја запишува судбината на секој поединец за следната година во Книгата на Животот, на Рош Хашана, и чека до Јом Кипур да ја „запечати“ пресудата. Евреите пробуваат да го подобрат своето однесување и да побараат прошка за згрешеното пред Бога и пред луѓето. Мислата за покајувањето се смета за една од најсветлите поуки на еврејството. Исповедите се стилизирани во прво лице множина со што се сака да се истакне одговорноста на целокупната заедница и за оние престапи што ги прави поединецот. Кол Нидре, молитвата со која започнува светиот ден Јом Кипур, е најверојатно најпозната за овој празник. Тоа е всушност изјава – изјава на ветувања, завети и вербални обврски кои вообичаено се прават во текот на годината.
Иако Јом Кипур е најсериозниот ден од годината, тој е проткаен и со радост – тоа е радоста за духовноста на денот и надеж дека Бог ќе го прифати нашето каење, ќе ни ги прости гревовите и ќе ја запечати пресудата за година на живот, здравје и среќа.