Изминатиот период доволно е да бидете не повеќе од пет минути на отворено, за да добиете неколку убоди од комарци. Kомарците напаѓаат без разлика дали е ден или ноќ, дали е топло или веќе се чувствуваат есенските температури. Освен што се досадни, знаат веднаш по убодот да предивикаат големи отоци на кожата.
Знаат да предивикаат и алергиски реакции за кои треба да се побара лекарска грижа, особено кај мали деца.
Граѓаните споделуваат фотографии од убоди на комарци, но и од азискиот тигрест комарец. Тој се смета за поопасен зашто може да ја пренесе болеста западнонилска треска. Таа не се пренесува од човек на човек, а човекот може да се зарази преку заразен тигрест комарец. Кај помалку од еден процент од инфекциите кај луѓе може да се манифестира со тешки невролошки симптоми.
Велат дека последните денови напливот на комарци е толку голем што против убодите не помагаат ни средствата за заштита од комарците.
Јована Стефановска, професорка по паразитологија и паразитски болести на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, вели дека во лето, но и во есенските денови голем проблем прави тигрестиот комарец.
Посочува дека граѓаните треба да знаат дека класичните методи за прскање не помагаат за овој комарец, па во таа насока објаснува како да се заштитиме и колку помагаат средствата што ги купуваме.
Каде се има тигрест комарец?
Тигрестиот комарец (Aedes albopictus) е еден од најинвазивните видови комарци. Потекнува од Југоисточна Азија, но во изминативе децении почна да се колонизира на сите континенти.
Во нашата земја првпат е докажан во 2016 на границата со Грција. Тогаш, тигрестиот комарец беше докажан само во југоисточниот регион на границата со Грција и на една локација во Скопје, во близина на автобуската и железничката станица.
Последните години со сигурност може да кажеме дека е присутен на целата територија на град Скопје, како и на територијата на целата земја.
Напаѓа во текот на целиот ден
За разлика од повеќето други видови комарци каде што женките напаѓаат во текот на вечерните часови, женките на тигрестиот комарец напаѓаат и цицаат крв во текот на целиот ден, но не и во текот на ноќта. Тие се многу поагресивни и поинтензивно напаѓаат. Алергиските реакции кај луѓето како последица на каснувањето од тигрестиот комарец најчесто се поинтензивни и поболни.
И застојана вода во саксија опасност за размножување
Јајцата на тигрестиот комарец се особено отпорни на надворешни услови. Може да се случи граѓаните да забележат тигрест комарец во своите домови и во текот на зимските месеци. Тогаш треба многу внимателно да проверат дали имаат застојана вода околу цвеќињата или во други садови во своите домови или на затворените тераси. Во домашни услови во застојани води може да се размножуваат и некои други видови комарци.
Женките положуваат јајца и во многу мала количина вода, па потребно е секој граѓанин да внимава да нема застојана вода во својата околина, особено оние што имаат дворови. Дури и најмала количина на застојана вода во какви било садови, како што се саксии, пластични кутии, мали шахти итн. може да биде идеално место за размножување на тигрестиот комарец.
Што против комарците?
Постојат повеќе различни средства (репеленти), што ги одбиваат комарците од нашето тело и околина. Сите тие имаат ограничено време на дејствување и различна ефикасност. Користењето на ваквите средства е од големо значење затоа што со нивна примена ги спречуваме женските комарци да цицаат крв од нашето тело.
Инаку, сузбивањето на комарците генерално се спроведува со инсектицидни средства против возрасните комарци и хемиски и нехемиски ларвицидни средства против ларвените форми. Важно е истовремено да се уништуваат и хабитатите, односно живеалиштата и местата каде што комарците најчесто се размножуваат.
Ларвените форми во застојани води се уништуваат со апликација на хемиски и нехемиски ларвицидни средства, а доколку е возможно, се врши и нивно засушување.
И сузбивањето на тигрестиот комарец се спроведува со истите методи како и за другите видови комарци, но постои голема специфичност во однос на местата каде што тие може да се размножуваат и живеат и во периодот на апликација.
Не помагаат ниту класичните методи за прскање
За разлика од другите видови комарци, тигрестиот комарец може да се размножува и во многу мала количина застојана вода. На пример, доколку имаме застојана вода околу саксија со цвеќе, женките на тигрестиот комарец може таму да ги положат своите јајца и од нив, при оптимални услови, за 6-7 дена да се развијат возрасни комарци. Значи, класичните методи за прскање против комарци во овие случаи не може да помогнат.