Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска беше домаќин на претставниците на земјите членки на ЕУ во Советот на ЕУ надлежни за процесот на проширување и односите со земјите кои преговараат за членство – КОЕЛА (COELA), кои се во дводневна посета на Македонија и одржуваа состаноци со институциите на државата и претставниците на граѓанскиот сектор.
Како што информира МНР, Османи изразил благодарност за поддршката на земјите членки и институциите на ЕУ за влегувањето во новата долгоочекувана фаза од процесот на преговори.
Министерот Османи ја истакнал и високата подготвеност на земјата за успешен и брз преговарачки процес, особено дека државата веќе долго време се усогласува со законодавството на ЕУ и, како што информираат, има завидни 45 проценти усогласеност со законодавството на ЕУ уште пред стартот на преговорите, како и 100 отсто усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Османи, како што се наведува, подвлече дека 100 проценти усогласеност на земјата со ЕУ декларациите и рестриктивните мерки се доказ дека Северна Македонија е доверлив партнер на ЕУ во ова предизвикувачко геополитичко време и нестабилно опкружување.
За време на средбата, министерот разменил видувања со претставниците на Работната група во врска со новиот момент во односите на државата со ЕУ и преминувањето на Македонија во преговарачката фаза и за подготвителните активности во пресрет на одржувањето на првите состаноци со ЕУ во рамките на скрининг процесот кој е предвидено да трае до ноември идната година.
– Ваквото стратешко и одлучно позиционирање има свој социо-економски импакт, особено врз енергетскиот сектор на земјата како и секаде ширум Европа и ќе биде многу важно ЕУ конкретно да манифестира вклучување на земјите од Западен Балкан во механизмите и мерките за надминување на последиците од војната во Украина – изјавил министерот Османи.
Истовремено, ја поздравил недвосмислената посветеност на Унијата за перспективата за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ и повиците за забрзување на пристапниот процес.
Османи, како што информираат, ја реафирмирал решеноста на Владата за спроведување на домашната реформска агенда во насока на поголема подготвеност и побрз напредок при поединечното преговарање на поглавјата од преговарачкиот процес.
Од страна на претставниците на ЕУ и земјите членки било потврдено задоволството дека двете страни се наоѓаат во нова квалитативна фаза од своите односи со почетокот на преговорите и изразија увереност за посветеноста на унапредување на евро-интеграцискиот пат на Македонија. Ја посочиле и подготвеноста за финансиска помош преку ИПА фондовите.
Посетата на Работната група КОЕЛА се реализира во пресрет на практичниот почеток на процесот на скринингот на ЕУ со Македонија, како прва фаза во преговарачкиот процес и е прва по одлуката на Советот досиејата на Македонија и Албанија да преминат во работната група надлежна за земјите кои се во преговарачки процес со ЕУ, заедно со Црна Гора и Србија.
Пред одржувањето на првата Меѓувладина конференција во јули оваа година досието на Македонија беше третирано во Работната група на Советот КОВЕБ (COWEB), надлежна за земјите од Западен Балкан, кои немаат отворено преговори за членство во ЕУ.