Полициски службеници од СВР Скопје денеска ги приведоа К.О.И.(51) и Г.Е.М. (56), двајцата од Благоевград, Република Бугарија, кои со измама се обиделе да земат 20.000 евра од 65-годишна жена од Скопје, лажејќи ја дека нејзината ќерка прегазила дете и дека тие ќе и помогнеле за да не оди во затвор.
– Вчера (13.09) на 65-годишната жена од Скопје на телефон и се јавило непознато лице кое се претставило дека наводно е полициски началник и и кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа, при што згазила дете и ако сака да ја спаси од затвор требало да му даде 20.000 евра. Оштетената му рекла дека има дома само 7.500 евра, а другите пари ќе ги даде дополнително. Измамникот и рекол парите што ги има да ги даде веднаш, а останатите наредниот ден, па оштетената околу 16:00 часот на локација во општина Аеродром ги дала парите на, за неа, непознато лице. Денеска, измамникот повторно се јавил околу 7 часот, по што оштетената го пријавила случајот во Полициска станица Аеродром – соопштија денеска од МВР.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје презеле соодветни мерки и активности за приведување на измамниците и дадени се насоки на оштетената како да постапува.
Откако на подрачјето на општина Центар оштетената му ги дала парите на измамникот, тој е лишен од слобода и утврдено е дека станува збор за К.О.И..
– Веднаш потоа е приведена и Г.Е.М., која го чекала во ресторан, во близина на местото каде К.О.И. беше лишен од слобода. Кај нив се пронајдени пари кои потекнуваат од кривични дела. К.О.И. во службен разговор го признал делото, а признал и дека на сличен начин измамил лице од Кавадарци и лице од Охрид – појаснуваат од МВР.
По документирање на случајот, во координација со ОЈО ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Од МВР апелираат до граѓаните да внимаваат и да не наседнуваат на вакви измами, а доколку добијат вакви повици, случајот веднаш да го пријават во најблиската полициска станица.