Актерката Силвија Стојановска е ослободена од обвинението за транспорт на дрога. На повторното судење, откако Апелација го врати предметот, судијата Огнен Ставрев посочи дека јавниот обвинител не докажал дека Стојановска го сторила кривичното дело.

– Судот ве ислуша сите вас и ги спроведе сите докази кои се во оваа постапка предложени и изведени и секако ги имаше предвид напатствијата од Апелација, во однос на обвинетата. Тоа го анализираше судот, со сите докази, како што беше наведено. Обвинетата Силвија Стојановска се ослободува од обвинение. Обвинителот не докажа дека сторила кривично дело, надвор од разумно сомневање. Мерките на претпазливост остануваат до правосилност на пресудата – кажа Огнен Ставрев.

Апелација претходно донесе одлука со која ја укина првостепената пресуда каде актерката беше осудена на 3,6 години затвор. Според второстепените судии, не се докажала поврзаноста помеѓу првообвинетиот Воислав Будисављевиќ, кој е осуден на седум години затвор, и актерката Силвија Стојановска, а за конкретното кривично дело.

Двајцата во воведните зборови се произнесоа дека не зеле учество во дрога – кокаин, како и нејзино купување и продавање во количина од близу 700 килограми, како што стои во обвинението.

Според обвинението, Стојановска и Будисавјевиќ организирале транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија. Актерката, нејзиниот партнер Воислав Будисавјевиќ и неговиот брат, кој има исти иницијали В.Б., се дел од организирана криминална мрежа која договорила набавка на кокаин во Колумбија, го пренеле преку Атлантскиот Океан во Шпанија, го сокриле во магацин во Мадрид и договориле негова продажба. При првото притворање, на прашање дали тргувала со дрога, актерката рече: „Боже, Боже“.

– Во текот на истрагата Обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Кралството Шпанија, од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како и повеќе лица, зеле учество во неовластено купување, пренесување и продавање кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грама. Обвинетите подготвувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаинот од Колумбија до Мадрид, Кралството Шпанија, и барале купувачи на неа – информираше Обвинителството.

Обвинителката тврдеше дека обвинетите меѓусебно комуницирале со користење „енкрочат“ телефонски мобилни уреди, како и „енкрочат“ мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки.

Двајцата беа приведени на крајот на декември 2019 година. Стојановска беше неколку месеци во куќен притвор, а Будисављевиќ во притвор. На акцијата, координирано работеле полициски единици од Македонија, Шпанија и Колумбија во координација со службата за борба против дрога на САД, ДЕА.