ИНТЕРВЕНТНИ ДРЖАВНИ СЦЕНАРИЈА ВО ПРЕСРЕТ НА КРИЗАТА ОКОЛУ СНАБДУВАЊЕТО СО ХРАНА И СО ЕНЕРГЕНТИ
Во исчекување на новиот пакет антикризни мерки што го најави министерот за финансии Фатмир Бесими, стопанствениците и граѓаните, особено оние од материјално најранливите категории, со страв ги одбројуваат деновите до претстојната зима. Недостигот од храна и студот, со кои голем дел од нив се соочуваше дури и во преткризните години, сега, во услови на долготрајна и повеќеслојна криза, доведе во речиси неодржлива ситуација над 20 отсто од населението, или околу 400.000 граѓани, кои, според последните истражувања, живеат под прагот на сиромаштијата. Во меѓувреме, властите во многу поразвиената Германија, во која стапката на сиромаштија лани изнесувала 16,6 отсто, уште пред повеќе од еден месец почнаа да подготвуваат простории во кои колективно ќе можат да се греат оние што немаат можност за затоплување во сопствените домови, а се работи и на зголемување на бројот на народните кујни за околу два милиони граѓани, на кои, според последните процени, им била неопходна помош во храна. Информациите за константно зголемување на бројот на луѓе што зимата ја чекаат без адекватно греење и можност за прехрана доаѓаат и од голем број други земји, но повеќето од нив немаат толку детално разработени сценарија за преживување во претстојната зима. Македонија, како што можеше и да се очекува, е една од нив.
Имено, затоплувањето со парното греење во Скопје, како единствен град во државата во кој за тоа постојат услови, не само што би можело да биде прескапо за голем дел од граѓаните туку е и сѐ понеизвесно поради неодамнешната одлука на властите да му ги одземат лиценците на досегашниот оператор за производство, дистрибуција и снабдување на топлинска енергија БЕГ. Дури пред некој ден, на помалку од два месеца пред вообичаениот почеток на зимската сезона, Владата на својата интернет-страница ги објави повиците и тендерските документации со кои се бараат нови оператори. Но неизвесноста е присутна и во остатокот од земјата, каде што традиционалното користење на огревно дрво, во изминативе години беше заменувано со сега веќе енормно поскапената електрична енергија, за која, исто како и за топлинската, е прогласена кризна состојба.
Надлежните засега само се надеваат дека со придржување до мерките и штедењето ќе има доволно енергија за да се издржи зимата, но не покажуваат дека имаат и план во случај на евентуални хаварии и на уште понеповолен развој на ситуацијата.
– Уверени сме дека до крајот на годинава, ако нема некаква хаварија, ќе нема рестрикции. Ќе има доволно електрична енергија за годинава, но јас најавувам дека тоа ќе биде за целата грејна сезона, вклучувајќи ги и првите месеци од следната година, до пролет – смируваше пред некој ден вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, уверувајќи дека ќе нема застој ниту во снабдувањето со топлинска енергија, бидејќи, според него, БЕГ е должен да ја испорачува услугата до избор на нови оператори.
Во однос на снабдувањето со храна, што сосема извесно ќе биде проблем барем за речиси една четвртина од населението што живее под прагот на сиромаштијата, треба да се потсети на сосема нејасната слика за состојбата со јавните кујни во земјава, особено по воведувањето на ограничувањата за нивното работење поради пандемијата.
По нивното воведување во 2007 година, бројот на јавните кујни во земјава, во првите години се искачи на околу 50, а нивните услуги, според достапните податоци, константно ги користеа околу четири илјади лица. За нивното функционирање во првите години, од државниот буџет беа издвојувани по околу еден и пол милион евра годишно. Пред пандемијата, само мал дел од нив беше во функција, а достапните информации укажуваа дека тоа сега им е препуштено на невладините организации и на единиците на локалната самоуправа.
А на прашањето дали централната власт во пресрет на кризната зима планира да активира проекти какви што се јавни кујни и простории за колективно греење за најсиромашните, кое го упативме до Владата и до Министерството за труд и социјална политика, го добивме следниот одговор.
– Како една од формите во системот на социјална заштита, а која има цел да ги превенира негативните последици за лицата и семејствата што од најразлични причини се доведени во состојба на бездомништво, Министерството за труд и социјална политика има воспоставено центар за бездомни лица, кој работи како организациска единица на ЈУ МЦСР на Град Скопје, кој во согласност со Законот за социјална заштита обезбедува дневно и привремено прифаќање и згрижување бездомни лица преку давање советодавни услуги, услуги во врска со исхрана, дневен престој, одржување на хигиената, здравствена заштита и обезбедување образование на децата сместени во него. Сместувањето на бездомно лице е само со согласност од страна на самото лице и во центарот се сместуваат бездомни лица од целата територија на Република Северна Македонија. Иста така, врз основа на членот 16 став (3) од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, министерот за труд и социјална политика, секоја година носи програма за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејното насилство и на Црвениот крст на Република Северна Македонија. Врз основа на оваа Годишна програма за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејното насилство, Владата на Република Северна Македонија носи Одлука за распоредување на приходите од игри на среќа и од забавните игри за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и Црвениот крст на Република Северна Македонија. Во согласност со донесената програма и одлука за распоредување на приходите од игри на среќа и од забавните игри за 2022 година за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и Црвениот крст на Република Северна Македонија, за финансирање на Годишната програма на Црвениот крст на Република Северна Македонија, во 2022 година се распределени финансиски средства во износ вкупно од осум милиони денари, за обезбедување трошоци за предвидените активности на Црвениот крст – информираа владините службеници.
Оттаму информираат и дека во програмата меѓу другото се опфатени активности за помош, поддршка и заштита на бездомни лица, и тоа пункт за бездомни лица. Пунктот за бездомници, кој функционира преку Црвениот крст на Град Скопје, во 2022 година им дава помош и поддршка на 100 бездомни лица. Тие ги користат услугите за одржување лична хигиена, редовно добивање облека, храна и други материјални добра. Со нив работи тим од доктор, психолог и социјален работник и во согласност со нивните потреби ќе се овозможи намалување на нивната ранливост и подобрување на здравствената состојба. За време на екстремно ниските температури ќе се овозможи сместување во Привременото прифатилиште, кое има капацитет да смести 32 лица во исто време, а мобилни тимови на Црвениот крст ќе бидат достапни 24/7 за да укажат помош и да обезбедат превоз за сите бездомни лица дојавени од терен. Исто така, пунктовите за бездомници во Струмица, Битола и во Струга ќе продолжат да обезбедуваат соодветна поддршка во текот на екстремните ниски температури – информираа владините службеници.
Инаку, пред извесен период беа пренесени информации дека во Германија, на пример, поради неизвесноста за снабдувањето со енергентите сѐ повеќе градови формираат кризни штабови и развиваат планови за справување со сѐ поизвесниот неповолен развој на ситуацијата. Во тие планови се предвидува и пренамена на големи сали во кои ќе се греат граѓаните што нема да можат да си дозволат да плаќаат парно.
– Се подготвуваме за есен и зима за сите можни сценарија – изјави градоначалничката на Лудвигсхафен, Јута Штајнрук.
Салата „Фридрих Еберт“ во тој град, која претходно се користела за изложби, спортски натпревари и слично, а за време на пандемијата била претворена во центар за вакцинација, сега би требало да се користи и како сала за греење за сите оние што немаат пари да платат за затоплување на домовите.
Вакво „колективно греење“ планираат и градовите Нојштат, Франкентал, Ландау…
Освен тоа, во Германија се работи и на зголемување на бројот на народните кујни, откога бројот на луѓе што примаат помош во храна од почетокот на годината бил зголемен за 50 отсто и се искачил на над два милиони граѓани.
Претседателот на здружението на народни кујни „Тафел“, кое дава доброволна помош во храна во Германија, Јохен Брул, информирал дека организацијата со 962 подружници е под притисок на зголемен број корисници.
– Зголемувањето на бројот за 50 отсто е доказ дека сиромаштијата е во пораст. Тоа значи дека на повеќе од два милиона луѓе им треба помош во храна – изјавил тој.
Д.М.М.
Ковачевски: Отворен Балкан отвори пат за заедничко справување со предизвиците за обезбедување храна и електрична енергија
Премиерот Димитар Ковачевски на самитот на Отворен Балкан во Белград, заедно со лидерите од регионот и со членовите на кризната група за храна и енергија, Крешник Бектеши, министер за економија, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Славица Кутиров, директорка на Царинската управа, и Никола Бабовски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, како и со нивните колеги од регионот дискутирале за приоритетот на сите влади во услови на енергетска криза, а тоа е непречено снабдување со храна и електрична енергија.
– Премиерот Ковачевски на состанокот подвлече дека соработката на Македонија, Србија и Албанија, во рамките на Отворен Балкан, отвори пат за заедничко справување со предизвиците за обезбедување храна и енергија за граѓаните, во услови на напорите на сите држави од светот, за справување со последиците од војната во Украина и пандемијата. На состанокот беше дискутирано за важноста трите земји да си помагаат меѓусебно во случај на прекин на снабдувањето со храна, како последица од глобалната криза, кога која било држава од нас би се соочила, евентуално, со недостиг во снабдувањето на домашниот пазар со основни земјоделско-прехранбени производи. На состанокот се разговараше за олеснување на процедурите за извоз и увоз, но и за меѓусебно снабдување со суровина за основните прехранбени производи – соопштија од неговиот кабинет.
Лидерите од иницијативата Отворен Балкан, како што е соопштено, подвлекле дека во овие кризни времиња ниту една од државите нема да биде оставена сама, посочувајќи дека она што за една држава значи мала донација, за друга е решавање голем проблем.
Лидерите на државите посочиле дека ќе се заложат за максимално искористување и создавање нови капацитети за обновливи избори на енергија.
– Премиерот Ковачевски на состанокот даде поддршка за планираната соработка насочена кон охрабрување и поддршка на инвестициите на државите особено во делот на изградба на капацитети за користење обновливи извори на енергија, производство на зелена енергија, како и поврзување на гасните и електроенергетските системи. На состанокот работните групи ја истакнаа важноста дека со договорите што ќе се потпишат на самитот, ќе се обврземе за достапност на храната до граѓаните, најпрво земјите да си помагаат. Членовите на работната група од нашата земја во доменот на енергетиката потенцираа дека Владата, преку Министерството за економија и другите ресорни министерства, работи и на ставање во функција на сите енергетски потенцијали во нашата држава, во заложбите за справување со енергетските состојби – се додава во соопштението.