Нормално дека имавме и грешки против Данска, но верувам дека со моите соработници успешно ќе ги анализираме за што поподготвени да го дочекаме дуелот со Словачка, вели македонскиот селектор Јончевски
КОШАРКА – ПО ГОСТИНСКИОТ ТРИУМФ НАД ДАНСКА СО 73-70 ВО ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025
Веќе им реков на играчите, славењето е во Нествед, ја забораваме оваа победа, оти ни треба нова во Скопје, против Словачка, в недела. Работевме три недели за овој успех. Уште од првиот ден се подготвувавме за овој меч со Данска, од оние индивидуални карактеристики, па до најситните детали за противникот, изјави македонскиот селектор Александар Јончевски по триумфот на гости над Данска, во првиот натпревар од групата Д, во рамките на претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година.
Јончевски, очекувано, беше презадоволен од крајниот епилог на дуелот против Данска, уште повеќе што за првпат на официјален меч како селектор оствари многу значајна победа, и тоа со мошне ослабен состав. Блескаше бекот Ненад Димитријевиќ, кој со звукот на сирената постигна тројка подалеку и од центарот на игралиштето за конечни 73-70 (14-18, 20-11, 11-26, 18-15).
– Гледано индивидуално, во првото полувреме му дозволивме на нивниот прв поентер Габриел Лунберг да има само два реализирани поена во самиот финиш. Знаевме дека во второто полувреме повеќе ќе напаѓаат преку него, дека ќе биде „гладен“ за кошеви. Многу голем дел од договарањата за тимска одбрана одлично ги спроведувавме и во двата дела од играта. Сите барани детали ги реализиравме – задоволно потенцира Јончевски.
Селекторот, сепак, своето внимание сега со право го насочува кон неделниот втор дуел против селекцијата на Словачка, оти залудна би била оваа гостинска победа против Данска ако се загуби од следниот ривал. А Словачка на свој терен, пак, убедливо е поразена од Норвешка (68-87). Кај Словаците најефикасни беа Андре Џонс со 17 и Јакуб Мокран со 13 коша.
– Нормално дека имавме и грешки во играта против Данаците, но верувам дека со моите соработници успешно ќе ги анализираме и отстраниме за што поподготвени да го дочекаме натпреварот со Словачка. Едноставно, победата во Нествед ја забораваме. Тоа веќе им го реков на играчите уште во соблекувалната по мечот, затоа што сѐ ќе биде залудно, сиот вложен труд во Нествед, ако не ја победиме Словачка во Скопје. Нè чека уште многу работа – смета Јончевски пред дуелот со Словачка.
Блескаше плејмејкерот Ненад Димитријевиќ, кој со звукот на сирената постигна тројка подалеку и од средината на игралиштето. Слична неверојатна тројка тој постигна (но кон крајот на третата четвртина) и во квалификациите за ЕП годинава, на мечот против Италија, одигран во Перм (Русија), во февруари лани, а Македонија оствари сензационална победа. Во Нествед, Димитријевиќ беше и најефикасен на средбата, со 29 поени, додека Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски уфрлија по 10, а кај Данците Дарко Јукиќ даде 20 коша.
Судиската правда в недела во Скопје ќе ја делат Романецот Чиприан Стоика, Турчинот Озлем Јалман и Французинот Александр Деман (Франција), додека делегат ќе биде Албанецот Ставри Бело.
Г.И.
Димитријевиќ: Се обидов, погодив, победивме…
Најдобриот и најефикасен играч на мечот, Ненад Димитријевиќ, не го криеше задоволството по триумфот и неговиот победнички кош.
– Не знам како би го опишал тој победнички кош. Најважно е дека топката влезе низ обрачот. Како? Не знам ни самиот! Се обидов, погодив, победивме, тоа останува. Остваривме одлична тимска победа, мошне значајна оти е на почетокот на претквалификациите, а секој од нас даде свој придонес за неа. Одиме понатаму. Утре нè чека Словачка, ова го оставаме зад нас – вели Димитријевиќ
Група Д, резултати
Словачка – Норвешка 68-87
Данска – Македонија 70-73
ТАБЕЛА
Норвешка 1 1 0 2
Македонија 1 1 0 2
Данска 1 0 1 1
Словачка 1 0 1 1
Двојки 2. коло (утре): Македонија – Словачка (19 ч.), Норвешка – Данска (18 ч.)