Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржат предлозите за измена на Уставот и тие ќе „паднат” во Собранието, изјави потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостување во дневникот на Канал 5 телевизија.
Според него, власта има избор „да го пушти” предлогот за уставни измени во Собранието и да види дали има или нема поддршка за нив.
-Еве ја повикувам власта нека го пуштат овој предлог во Собрание да видат дека немаат поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Предлозите за уставни измени ќе паднат во Собранието и после тоа да одиме на предвремени парламентарни избори, затоа што власта е делегитимирана и на ниеден начин оваа коалиција на СДСМ и ДУИ не може да остане на власт – изјави Николоски, додавајќи дека предвремените парламентарни избори „треба да се случат, за народот го каже сопственото мислење”.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ не се откажала од референдумот за „францускиот предлог”, туку активно и интензивно работи на негова организација.
–Ние кажавме дека на крајот на овој месец и почетокот на септември ќе излеземе со конкретни позиции во однос на прашањето и на начинот на кој што би се реализирал овој референдум. Се надевам дека од власта ќе соберат доволно храброст и ќе дадат можност на народот да го каже своето мислење во однос на бугарскиот предлог и во однос на овој спорен договор што го потпишаа – истакна Николоски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ останува на планот за тоа народот да каже на референдум „што мисли по однос на спорниот предлог” и што мисли „по однос на промената на македонскиот јазик, македонската историја, култура и самобитноста на македонскиот народ”.