Добитничка на првата награда на годинашниот Конкурс за краток расказ на „Нова Македонија“ за ракописот „Присвоено јунаштво“, доставено под шифрата Војсководец, е авторката Силвија Митевска. Автор на второнаградениот расказ „Дедо Митре го урива покривот“, под шифрата Чатија, е Ѕвездан Георгиевски, а на третонаградениот „Инаетот што тлее меѓу нас!“ (шифра: Ашурбанипал) е писателот Ермис Лафазановски. Добитници на откупните награди се: Билјана Стевковска-Савиќ за расказот „Несреќна случка“ (шифра: Феликс), Петар Андоновски за „Кој се плаши од Минотаур?“ (шифра: Лаванда) и Марио Букна за „Колекционер на кукли“ (шифра: Весна и Звонко).
Наградите ќе им бидат врачени утре во 11 часот во кафулето „Капри“ на свечена манифестација.

Годинава на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ пристигнаа над 200 раскази. По двонеделно разгледување и препрочитување на пристигнатите ракописи, членовите на комисијата во состав: Александар Прокопиев, селектор, и Весна Дамчевска, уредничка на редакцијата за култура и претставничка на „Нова Македонија“, ги избраа најдобрите за ова издание.

Автентични и иновативни теми, коректна јазична структура, стилска разноликост и вешта раскажувачка техника беа некои од основните критериуми по кои се раководеше жирито. Одлуката за доделените награди за 2018 година е донесена по сериозно препрочитување на пристигнатите ракописи и по одржувањето на два состанока, на кои изборот се стеснуваше.

– Како и секогаш, пристигнаа голем број раскази, тематски и стилски разновидни. Овој пат квалитетот беше евидентен во најдобрите триесетина раскази што влегоа во поширок круг. Исто така, карактеристика годинава е тоа
што имаме многу современи постапки и содржини од секојдневните доживувања, но претставени на многу интересен и индивидуален начин, така што иако жирито едногласно ги избра најдобрите, имаше поширок избор раскази што го пленеа вниманието и се читаа навистина со едно читателско задоволство – вели селекторот Александар Прокопиев.

Според оцената на жирито, во однос на темите, додека во претходните години имаше изобилство текстови со пренагласена биографска и рурална тематика, и
тоа во една буквална смисла, со исклучок на минатата година, овој пат го немаше тоа, но евидентно беше дека многу теми се однесуваа на болници, смрт, крај на животот и сите беа интонирани во една, ако не трагична, тогаш сигурно жална смисла. Голем дел раскази беа на современи и актуелни теми од политиката со предзнак: референдум, гласање, политичари како главни ликови…, што укажува на обземеноста и од овие теми во секојдневието. Љубовните теми, иако важат за безвремени, овој пат беа поретки. Меѓу поинтересните беа некои реалистични градски приказни.

По едномесечното собирање, разгледување и препрочитување на расказите што беа испратени на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“, жирито заклучува дека конкурсот е успешен, бидејќи пристигна одлична бројка ракописи. Краткиот расказ како иницијална форма на секоја добра проза и преку овој конкурс покажа дека е инспиративен за најразлични раскажувачки постапки. Што е уште поважно, во духот на времето, некои од расказите беа поврзани за современи теми и со нов модерен израз.

По доделувањето на наградите, избраните раскази редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објавува во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда. 


Главни награди

Прва награда – „Присвоено јунаштво“ на Силвија Митевска
Втора награда – „Дедо Митре го урива покривот“ на Ѕвездан Георгиевски
Трета награда – „Инаетот што тлее меѓу нас!“ на Ермис Лафазановски

Откупни награди

„Несреќна случка“ на Билјана Стевковска-Савиќ
„Кој се плаши од Минотаур?“ на Петар Андоновски
„Колекционер на кукли“ на Марио Букна