На 19 октомври оваа година, на седница закажана за 12 часот, но одржана во доцните вечерни часови, пратениците со 80 гласа „за“ донесоа одлука за пристапување кон измени на Уставот. Веднаш потоа настапи „инвазија“ од честитки, како однадвор, така и однатре, за одважноста и храброста на пратениците, кои, поаѓајќи од волјата на граѓаните изразена на референдумот ги ставиле интересите на државата над партиските интереси и донеле историска одлука за имплементација на преспанската спогодба во Уставот на Република Македонија. Можевме да слушнеме дека сме горди, дека секој граѓанин се гордее со пратениците и дека ова што се случи е „голем ден за демократијата“ во Република Македонија. Се прашувам, за каква гордост и за каков голем ден на демократијата станува збор? Ако начинот на кој се постигна двотретинското мнозинство во Собранието за да се изгласа одлуката за пристапување кон измени на Уставот го сметаат за демократски чин, тогаш, можам слободно да кажам дека нашите пријатели од Европската Унија и од Вашингтон не нѐ сметаат за суверена, самостојна и демократска држава, со свој устав и закони. Демократијата, пред сѐ, подразбира утврдени правила на однесување, поточно утврдени, со устав и со закон процедури на одлучување, кои сите се должни да ги почитуваат, а пред сѐ органите на државната власт. А што имавме ние во последните месеци, почнувајќи од склучувањето на преспанската спогодба, па до „историското двотретинско мнозинство“ во Собранието. Сведоци бевме на флагрантно кршење на Уставот и законите од страна на носителите на државната власт. Без уставна основа, без овластување и зад грбот на македонскиот народ министер во Владата на Република Македонија потпиша спогодба со странска држава за промена на името на државата, со содржина што покажува непознавање на историјата на македонската држава и на македонскиот народ и која ги повредува националните интереси на македонскиот народ. Реков потпиша, а не склучи спогодба, затоа што преспанската спогодба е таква што мора да се постави прашањето дали некој од Република Македонија учествувал во преговорите и во изготвувањето на текстот на спогодбата, или само прифатил и потпишал текст што друг го изготвил. Како да Република Македонија не е правен субјект во меѓународните односи. Кршењето на Уставот оди и понатаму, што една таква спогодба, која не е во внатрешниот правен поредок на Република Македонија (Законот за ратификација сѐ уште не е објавен во „Службен весник на РМ“) власта ја подметна во референдумско прашање (три во едно), на таканаречен консултативен референдум.

Референдумот, според Уставот и Законот за референдум беше неуспешен, што е констатирано и од страна на Државната изборна комисија, која е надлежна за спроведување на референдумот. Но, и тоа не се почитува, туку се оди понатаму и со примена на математички формули, кои ги користат и нашите „пријатели“ од странство, се тврди дека големо мнозинство, кое на ниту едни избори во Република Македонија не било постигнато, гласало „за“ на референдумот. Вршат споредба со резултати на избори, а не со одзивот и резултатот на референдумот одржан на 8 септември 1991 година. Иако на 30 септември две третини од граѓаните запишани во избирачкиот список, со тоа што го бојкотираа референдумот, јасно кажаа дека не ја прифаќаат преспанската спогодба, власта продолжи да не почитува ни устав ни закон и ја игнорира волјата на граѓаните, извртувајќи го резултатот така што го прикажува како голема поддршка на преспанската спогодба. И така, со кршење на Уставот и законите се стигна дотаму што преспанската спогодба по секоја цена се сака да се преточи во амандмани на Уставот, за која цел, како почетна фаза се донесе „историската“ одлука за пристапување кон измени на Уставот. Донесувањето на таа одлука се нарече „голем ден за демократијата“, а пратениците што ја изгласаа, особено осумте пратеници од опозицијата, беа прогласени за гордост на сите граѓани на Македонија.
Донесувањето на Уставот и на измените на Уставот никогаш не било на граница на потребното мнозинство пратеници. Но бидејќи овие измени на Уставот се сака да се протуркаат набрзина, против волјата на огромното мнозинство граѓани, не се избираат начин и средства да се постигне тоа. Па, така, осум пратеници, клучни да се обезбеди двотретинското мнозинство станаа „гордост“ за Македонија. Но дали може да ги сметаме за наша гордост. Јас овде нема посебно да се задржам на изјавите дека се уценети, нема акцентот да го ставам на фактот што се ослободени од домашен притвор токму на денот на гласањето за одлуката, бидејќи сметам дека тоа може да е коинциденција, затоа што, нели, оваа власт нема влијание врз независното судство.

Но јас, тргнувајќи од уставната одредба (членот 62) според која пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието ОДЛУЧУВА ПО СВОЕ УВЕРУВАЊЕ поставувам прашање: дали може да сметаме дека овие пратеници одлучувале по свое уверување за одлуката за пристапување кон измени на Уставот, или одлучувале како што друг барал од нив. Тоа го прашувам затоа што скоро сите медиуми објавија дека овие пратеници своето гласање за одлуката го условиле со четири барања, кои беа објавени во медиумите. Ако има условување за дадениот глас на пратеникот при донесување одлука, тогаш не може да се зборува за одлучување по сопствено уверување. Значи, нивното гласање за одлуката не е резултат на нивното уверување за предметот на гласање, туку нивниот глас бил предмет на пазарење. Ќе ги поддржиме уставните измени, под услов да бидат исполнети нашите барања. Тие се пратеници и за трите од четирите точки на барањето, со вклучување во расправата ќе можеа да предложат нивно вградување во амандманите, а не својот глас да го условуваат со тоа некој друг да обезбеди нивните барања да се внесат во амандманите. А кој е тој што можел да вети нешто што зависи од натамошниот тек на постапката за измени на Уставот и за кои можат да гласаат 120 пратеници.
Зачудува фактот, што недопуштеноста (не сакам да го употребам потешкиот израз) на таквото условување на гласањето на пратениците, не наидува на осуда, туку, како што известиле од Собранието, ќе се формира посебно тело што ќе работи на остварување на барањата со кои се купени нивните гласови! Затоа, постигнатото двотретинско мнозинство гласови не е ниту гордост ниту празник за демократијата, туку голем срам, а гласовите на осумте пратеници дадени условено, не можат да бидат валидни, поради што и одлуката за пристапување кон измени на Уставот треба да се поништи. На потег е Уставниот суд.

Милојка Калкашлиева