Германскиот министер за економија Роберт Хабек ја отфрли идејата за продолжување на работата на трите преостанати германски нуклеарни централи за да се заштеди на гас, истакнувајќи оти на тој начин би се заштедило не повеќе од два отсто.
– Таа заштеда не е доволно голема за да се рестартира дебатата за нуклеарната енергија за која има консензус … Ако се земе предвид колку би се заштеди, тоа би била погрешна одлука – истакна Хабек.
Тој додаде дека евентуално би ја прифатил идејата за продолжување на работата на нуклеарната централа во Баварија, доколку тоа се покаже неопходно за стабилност и снабдување со електрична енергија за зимата.
Нуклеарните централи во Германија треба да бидат затворени до крајот на годината, во согласност со Законот усвоен од владата на канцеларката Ангела Меркел по катастрофата во јапонската нуклеарна централа Фукушима во 2011 година.