Поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон се обрати синоќа во Атлантскиот совет со порака дека дојде мигот сите во Македонија да гледаат кон иднината и да го одбранат националниот интерес на земјата, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
На панел насловен „Дополнување на Европа: Дали Македонија ќе го зграпчи моментот?“, тој порача дека во однос на ова треба да се гледа од многу подлабок и поширок аспект.
-Сетете се на храброста и одважноста на вашите политичари за време на кризата во 2001 година. Тие ја спасија својата земја од сигурно крвопролевање. Таква храброст и одважност имаат некои политичари денес во Македонија, укажа Лорд Роберстон.
Тој ја посети Македонија непосредно пред референдумот и откри дека на средбата со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, укажал за историската важност на моментот во кој се наоѓа Македонија.
– Му порачав, обрнете внимание на иднината на вашата земја – дали сакате таа да биде нарекувана „Фиром“ засекогаш, му поставил тој прашање на Мицкоски.
Според него, референдумот беше организиран да го избрише зборот „Фиром“ од мапата на светот. Ако се зборува за национален идентитет и нацоинален суверенитет, тогаш зборот „Фиром“, додава тој, означува целосно минимизирање на вашиот идентитет.
– Оваа земја избира дали ќе биде дел од НАТО и ЕУ, дел од главното европско течение на модерни нации, порача Лорд Роберстон.
Во своето воведно излагање тој гласањето во Собранието на Македонија го спореди со гласањето во британскиот Парламент во 1972 година, кога 30 лабуристи се одвоија од главната опозиција и гласаа за влез на Велика Британија во тогашната Европска економска заедница.
-Тоа го направија бидејќи националните интереси ги ставија пред тесно партиските интереси. Подоцна еден од тие лабурсти, Џон Смит, стане премиер и никогаш не жалевме што така постапиве, жалиме за ситуацијата во која сега се наоѓа земјата. Македонија исчекува да стане членка на ЕУ, како што Британија се обидува да ја надмине ЕУ, но тоа тешко и оди.
Рече дека доколку не се зграпчи сега шансата, овој миг во кој се наоѓа Македонија, нема да се повтори во следните 30 или 40 години, дека ова е генерациска прилика.
– Совпаѓањето на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, двајцата да најдат заеднички јазик е како ретко порамнување на ѕвездите. Такво нешто нема да се повтори во следните 30 или 40 години, укажа Лорд Роберстон. Додаде дека опозиционерите на Договорт од обете страни, од Грција и Македонија, треба да бидат прашани каква е алтернативата.
На панелот беше посочено и за руското влијание за време на кампањата за референдумот кое најмногу било издејствувано преку шпионски структури под контрола на грчко-рускиот олигарх Иван Савидис, поранешен пратеник во руската Дума. Тие подмитувале црковни достоиственици, воени официјални лица и националистички екстремисти да организираат масовни протести за да се спречи влезот на Македонија во НАТО.
Грција на ова остро реагираше со протерување на двајца руски дипломати, и забрана за влез во земјата на ушта двајца.
-Савидис потплаќаше националисти да организираат слични протести против Договорот и во Македонија, изјави Мајкл Карпентер, постар раководител во Бајден центрот за дипломатија глобален ангажман.
Лорд Робертсон, беше член на Лабуристичката партија и генерален секретар на НАТО од 1999 до 2004 година. Од 1997 до 1999 година тој беше секретар за одбрана во кабинетот на поранешниот британски премиер Тони Блер.
На панелот учествуваше и Лилица Китановска од Гласот на Америка на Македонски јазик.