Долгогодишниот професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, Димитар Бајалџиев, почина вчера на 78 години, соопшти Правниот факултет.
Бајалџиев почна со работа на Правниот факултет во 1969 година како асистент.
Во 1977 година го одбранил магистерскиот труд на тема „Важноста на нормите во јавниот живот на луѓето“, а за предавател е избран во 1978. Во 1985 година докторирал во Скопје, кога е избран за доцент, а од 1995 година е редовен професор.
Професорот Бајалџиев беше министер за образование и наука од 1992 до 1994 година, а беше и декан на Правниот факултет.
Од него се простија колегите од Правниот факултет:
– Со длабока тага известуваме дека на 14.08.2022 година почина проф.д-р Димитар Бајалџиев, долгогодишен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Со неговата смрт загубивме драг и почитуван колега, доајен од областа на вовед во правото и автор на бројни научни и стручни трудови, успешен интелектуалец, извонреден предавач, одличен педагог, посветен наставник и особено ценет пријател. Проф.д-р Димитар Бајалџиев беше и поранешен Министер за образование и наука, поранешен декан на Факултетот и член на Деканатската управа – соопштија од Правниот факултет.
Посмртните останки на проф. д-р Димитар Бајалџиев ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Бутел на 16.08.2022 година (вторник) од 13 до 14 часот.