Инвестицијата на германскиот производител на автомобили на електричен погон „Е-Го“ во технолошко индустриско-развојната зона во Тетово се проценува на околу 130 милиони евра, а одобрената помош од Владата e до 35 отсто (околу 45 милиони евра), како што истакна директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски во интервју за „Плус инфо“, по потпишувањето на договорот за државна помош за новата инвестиција.
Згора, со инвестицијата предвидено е вкупно 891 работно место, со бруто плати што достигнуваат два и пол пати над државниот просек, кои според договорот, инвеститорот треба да ги реализира во петгодишен период.
– Инвестицијата е проценета на повеќе од 130 милиони евра, што се наменети за вложување во објект и инсталирање на нова технологија за производство на електрични возила. Според деловниот план, инвестицијата во целост ќе се реализира до 2024 година, за кога е предвидено и пробно производство од овој капацитет. Почетокот на градежните работи е предвиден за шест до осум недели, а компанијата веќе има изготвено и основен проект. Владата одобри рамковна поддршка што не надминува 35 отсто од вкупната инвестиција. Тоа подразбира дека е отворена можност за доделување на средства, но не и обврска. Доделувањето зависи од динамиката со која инвеститорот ќе ја реализира инвестицијата и, секако, од исполнување на условите предвидени со договорот. Меѓудругото, и отворање на предвидениот број од близу 900 нови работни места, како и бруто плати, што во просек достигнуваат 2,5 пати над просечната во државата – кажа меѓудругото Деспотовски за „Плус инфо“.
Инвестицискиот проект подразбира изградба на објект од околу 60 илјади метри квадратни и предвиден капацитет од 30 илјади возила годишно наменети за странските пазари, според Деспотовски.
Првиот човек на ТИРЗ нагласи и дека во првичниот извештај за „Е-Го“ нема нотирани никакви посериозни ризици поврзани со самиот инвеститор, како и дека германската компанија нема да користи даночни, ниту ослободувања во делот на придонесите, туку има обврска во целост да ги плаќа кон Буџетот и јавните фондови на државата. Тој наведува дека сите потенцијални инвеститори поминуваат низ соодветна анализа за која е ангажирана реномирана меѓународна ревизорска куќа, според новиот концепт на ТИРЗ.