На 34-тата Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2022), која од 7-ми до 15-ти август се одржува во Јогјакарта, Индонезија, македонскиот тим средношколци го постигнаа историски највисокиот резултат во повеќегодишната традиција на ова натпреварување.
Македонскиот тим на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање, составен од учениците Благојче Павлески, Марко Таневски, Софија Велковска и Тео Китановски, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден сребрен и два бронзени медала.
ИОИ 2022, после 2 години онлајн изданија, се одржува како хибриден настан, а повеќето од 90-те тимови се присутни во Индонезија. На настанот учествуваат вкупно 352 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, кои беа избрани преку годишните национални натпревари во програмирање во земјите учеснички. Во ваква силна конкуренција, досега најдобриот сребрен медал за Македонија го освои Благојче Павлески, ученик од Прилеп, со штотуку завршено средно образование во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје. Учениците Марко Танески, исто така од Прилеп, и Тео Китановски од Скопје освоија бронзени медали.
Нашиот тим традиционално се избира во целогодишен циклус натпревари кој го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава
поддржан од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Мелон Технологии, Нетцетера и Семос Едукација. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е одржуван волонтерски од ЗИМ и е достапен во текот на целта година за сите заинтересирани натпреварувачи.
Д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ, и долгогодишен член на управниот комитет на Интернационалната олимпијада, за овој голем успех изјави: „Во текот на вчерашниот ден, гледајќи ги во живо како се менуваат резултатите од натпреварот, кога во одредени моменти Благојче беше и со освоен златен медал, сфатив дека вреди што како Здружение трошиме огромна енергија за организација на домашните натпревари и за подготовка на талентираните учениците за интернационалните натпревари.
Резултатот остварен на овој натпревар претставува продолжување на традицијата на успешни претставувања на Македонија на интернационалните информатички олимпијади во последниве десетина години и уште една нова потврда за знаењата и вештините од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици.
За жал, заради задоцнета поддршка за патување од страна на институциите, и енормното зголемување на цената на авио билетите, нашиот тим наместо во живо учествуваше на олимпијадата онлајн, од просториите на ФИНКИ и со тоа на нашите врвни ученици им беше ускратена можност да бидат на лице место заедно со учесниците од останатите земји. Благојче, бидејќи е пласиран високо на ранг листата
меѓу најдобрите учесници од светот, ќе добие покана за да учествува на камп во Сингапур во тек на септември.